Детето кое падна од зграда во Кисела Вода е во стабилна состојба

Деветгодишното дете кое во вторникот падна од прозорец на зграда во скопската населба Кисела Вода и натаму е во стабилна состојба, но со повреди на повеќе органи.

- Детето е на интензивна нега со стабилни витални параметри. Има повреди на главата, рамото, белите дробови, фрактури на ребрата и карлицата. Дише самостојно со кислородна поддршка, а засега нема потреба од оперативен зафат, информираше в.д. директорот на Клиниката за детска хирургија, д-р Лазар Јовчески.

Тој нагласи дека, иако состојбата е стабилна, лекарите се претпазливи поради сериозноста на повредите и деновиве се прават дополнителни испитувања.

Инцидентот се случил во вторникот околу 19:40 часот. Министерството за внатрешни работи соопшти дека 69-годишна жена загинала на самото место, додека детето било итно пренесено во клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Засега нема информации за причините за несреќата.

Паркингот во Центар утре нема да се наплаќа

ЈП Паркинзи на општина Центар преку соопштение известува дека по повод претстојните празници паркирањето во Општина Центар ќе биде без наплата за сите граѓани.

„Согласно Одлуката на претпријатието, на 01.01.2025 година (среда) сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП ПОЦ ќе бидат без наплата. Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи на 02.01.2025 година (четврток) со вообичаено работно време. Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците како и паркиралиштето Дилајла кое е со автоматска наплата“, се вели во соопштението на ова јавно претпријатие.

Почнува зимскиот распуст, ќе трае до 20. јануари

За учениците во основните и средните училишта почнува зимскиот  распуст од учебната 2024-2025 година. Наставата од второто полугодие ќе продолжи на 20 јануари.

Учебната 2024-2025 ќе заврши традиционално на 10 јуни. Нема да биде продолжена како минатата учебна година, кога за основците заврши на 17 јуни,  бидејќи ќе нема пролетен распуст кој беше воведен лани (29 април – 6 мај 2024).

За оваа одлука Министерството за образование и наука во оваа учебна година анкетираше наставници, родители и ученици од повисоките одделенија и, како што информираше, мнозинството се изјасниле дека не сакаат пролетен распуст.  

ЈСП со известување за возниот ред за празниците

ЈСП информира дека денеска, вторник (31.12.2024 год) ќе се работи по редовен зимен возен ред.

Утре (1.01.2025 год) јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен ред, при што на 1. јануари, првите вклучувања на возилата на ЈСП СКОПЈЕ и приватните превозници ќе бидат подоцна од воообичаеното, а останатите согласно неделниот возен ред.

Од четврток (2.01.2025 год) јавниот превоз ќе сообраќа по редуциран делничен зимен ред, кој ќе важи до крајот на зимскиот училиштен распуст.

Работно време на билетарници и центри за персонализација;

Во среда (1.01.2025 год) билетарниците и центрите за персонализација, нема да работат. Од четврток (2.01.2024 год) продолжуваат со вообичаено работно време.

Жичницата на 31.12.2024 год ќе работи вообичаено, од 10 до 17 часот, а на 1 јануари од 11 до 17 часот. 

Популарно