Владата ќе ги освежи сметките на младите со 250 евра

Владата најави ваучери за студенти и финансиска поддршка за бизнисите на младите.

– Во Буџетот за 2025 година се обезбедени средства за ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди – телефон, компјутер или таблет за сите студенти, како и средства од 10 милиони евра кои ќе бидат наменети за млади до 29 години за отпочнување бизниси, односно финансиска поддршка до 30.000 евра за бизнис за млади – соопштија денес од Владата.

 Оттаму додаваат дека ваучерот за студентите од 250 евра за купување електронски уред ќе им овозможи на студентите да имаат пристап до технологијата што им е потребна за да успеат во денешниот дигитален свет, а финансиската поддршка до 30.000 евра за младите за отпочнување бизнис значи дека младите ќе можат своите бизнис-идеи да ги преточат во бизнис-планови.

– Преку различна поддршка, мерки и проекти работиме за задржување на младите и студентите, иднината да ја градат во сопствената држава – стои во соопштението.

Историската комисија: Дискусии за учебници и заеднички чествувања на средбата во Софија

На 13 и 14 декември во Софија се одржаа средби на Историската комисија меѓу Македонија и Бугарија, пренесува МИА. Главните теми на разговорите биле евентуални заеднички чествувања и препораки за македонските учебници за седмо одделение.

Според соопштението од македонскиот тим, средбата се одвивала во конструктивна работна атмосфера, при што била водена интензивна расправа за прашања поврзани со работата на Историската комисија.

„Во текот на состанокот беа отворени теми за можноста за заеднички чествувања, насоки за учебниците по историја за седмо одделение и дефинирање на работната динамика за првата половина од 2025 година,“ се наведува во соопштението од македонскиот тим на Комисијата, пренесува МИА.

За време на средбата, членовите на Историската комисија постигнале согласност за текстот на нацрт-записникот од 27. седница. Подетални информации за содржината на нацрт-записникот не се објавени.

Следната средба на историската комисија ќе се одржи во Скопје

Според договореното, следната средба на Историската комисија е планирана за крајот на февруари 2024 година во Скопје.

Мешовитата комисија за историски прашања: Новиот македонски тим ја одржа првата со колегите од Бугарија во Скопје

Предходни активности на историската комисија и нов состав на македонскиот тим

Првата средба на Историската комисија со новиот состав на македонскиот тим се одржа во октомври годинава. Копретседавачот на бугарскиот тим, Ангел Димитров, изјави дека средбата главно се фокусирала на протоколарни и технички прашања, запознавање на членовите од двата тима и дискусија за принципите на работа.

„На првиот состанок од новиот состав на Комисијата беа разгледани прашања од формален и технички карактер, беше спроведено запознавање на членовите од двете страни и се отвори дебата за методите и основните правила на идната работа,“ изјави копретседавачот на бугарскиот тим, Ангел Димитров.

Средбата која требаше да се одржи во Скопје на 18 и 19 септември 2023 година беше одложена на барање на македонската страна, додека претходната средба се одржа на 30 и 31 мај во Софија.

Во почетокот на септември 2023 година, Владата на Северна Македонија именуваше нови членови на Историската комисија и го назначи професорот Ванчо Ѓорѓиев за копретседател, кој и претходно беше дел од Комисијата.

Борба за македонските националните интереси: Владата го утврди новиот состав на Комисијата за историски прашања со Бугарија

Досегашни резултати на историската комисија

Историската комисија беше формирана како дел од Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија, потпишан на 1 август 2017 година. Комисијата има задача да усогласи историски факти и да препорача реформи во учебниците по историја.

До сега, Историската комисија постигна договор за заедничко чествување на пет историски личности:

Свети Кирил и Методиј

Свети Наум Охридски

Свети Климент Охридски

Цар Самуил

Исто така, Историската комисија усвоила и препораки за измена на учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и петти клас во Бугарија.

Меѓутоа, ликот и делото на Гоце Делчев останува точка на несогласување меѓу двете страни, поради различни толкувања од страна на македонските и бугарските историчари. Исто така, отворени прашања постојат и во врска со одредени личности и настани од средниот век.

Светска банка предлага зголемување на пензиската возраст и даноците

Најновиот извешај на Светската банка вели дека Македонија може да се справи со растечкиот долг и да обезбеди макроекономска стабилност со подобрување на својата фискална состојба преку зајакнување на буџетската дисциплина, подобрување на ефикасноста на јавните расходи и подобрување на наплатата на даноците

Во извештајот се нагласува дека најновата стратегија со која фискалната нерамнотежа требаше да се намали со економскиот раст, не донела задоволителни резултати. Во последната деценија, земјата се соочува со повисоки фискални дефицити од земјите од Западен Балкан, со ниво на долгот што надминува 62 проценти од Бруто домашниот производ (БДП).

„За подобро да се подготви за иднината, сега е клучно С. Македонија да почне да се справува со фискалните предизвици“, изјави Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Македонија.

Според него, обезбедувањето на цврсти макроекономски основи може да придонесе за одржлив економски развој и намалување на сиромаштијата додека земјава се приближува кон членство во ЕУ.

Во однос на одржливоста на пензискиот систем во извештајот се посочува дека целта на повеќестолбната реформа на овој систем воведена во 2005 година била подобрување на среднорочната и долгорочната фискална одржливост со одржување на паритетот на правата низ генерации, но дека оваа цел е доведена во ризик поради подоцнежните ад-хок промени на политиките. Земјава и понатаму има пензиски дефицит и без реформа, како што оценија Светска банка, тој уште повеќе би се зголемил.

„За справување со овие предизвици се предлагаат повеќе политики за намалување на пензискиот дефицит во услови на општество што се повеќе старее. Тие опфаќаат укинување на неодамна воведениот модел на индексирање според цените и платите (тн Швајцарски модел) и враќање на претходното индексирање согласно индексот на цени на мало, постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот. Комбиниран пакет што ќе ги интегрира сите три политики би можел да донесе поизбалансирани исходи и да го спречи понатамошното зголемување на пензиските расходи и дефицити“, се наведува во Извештајот на СБ.

Во извештајот се вели дека има значителен потенцијал за подобрување на наплатата на даноците и за оптимизирање на расходите на јавниот сектор. Проценките на Светска банка укажуваат дека со спроведување мерки како што се намалување на ослободувањата од ДДВ, спроведување прогресивно оданочување на приходите и зголемување на даноците за животна средина и даноците на имот, даночните приходи би можеле да се зголемат за 3,5 процентни поени од БДП.

Според извештајот, со подобрување на наплатата на даноците и оптимизирање на расходите, Северна Македонија има можност да ги намали трошоците за задолжување и да распореди повеќе ресурси кон основните сектори клучни за нејзината иднина, како што се образованието и здравството.

Во делот на здравството се наведува дека справувањето со предизвиците на општеството што старее бара модел за извршување на услугите со кој се подобрува ефикасноста на јавните расходи и се проширува пристапот до висококвалитетни здравствени услуги, вклучувајќи и долготрајна нега. Ова меѓу другото подразбира, континуирани инвестиции во опрема, вработувања, знаења, вештини на давателите на негата. Обезбедувањето на рамноправен систем до здравствената заштита, се посочува, бара подобрување на пристапноста, особено на лековите и долготрајната нега.

„Подобрувањето на пристапноста до лековите и зголемување на пристапот до висококвалитетни лекови бара редовно ажурирање на позитивната листа на лекови и ревидирање на цените на лековите и на политиките за партиципација со фокус на подобра финансиска заштита на ранливите домаќинства, а во делот на услугите за долготрајната нега се препорачува развој на механизми за финансиска помош особено за сиромашните“, стои во Извештајот.

Во извештајот се дадени низа препораки со цел насочување на земјата кон поодржлива фискална патека. Овие препораки опфаќаат конкретни мерки за зголемување на даночните приходи, реформи за подобрување на ефективноста на јавната администрација, ребалансирање на финансиите на локалните власти и напори за подобрување на ефикасноста на извршувањето на јавните услуги.

Групацијата Светска банка е партнер на Северна Македонија во разни проекти за финансирање и знаење со цел подобрување на ефикасноста, транспарентноста и одржливоста на јавните расходи, подобрување на ефективноста на даночната администрација и кои опфаќаат повеќе сектори, вклучувајќи ги образованието, социјалните услуги и земјоделството.

Популарно