Почина возачот кој јавно кажа дека во ЈСП се возат неисправни автобуси

Почина Февзи Арифи, возач во ЈСП, кој во јули со двокатен автобус се качи на жардиниера кај ТЦ „Мавровка“, објави „Скопје1“. Арифи тогаш јавно кажа дека на терен ЈСП пушта неисправни автобуси.

Според порталот, колеги на Арифи велат дека ќе го паметат како професионалец и сведочат дека бил под стрес по несреќата, за која тој објаснуваше дека се случила поради тоа што откажал воланот. Дел од колегите посочуваат дека Арифи обвинувањата дека бил виновен за несреќата ги доживеал како траума.

Обвинителството издаде насоки да се направи вештачење за тоа дали автобусот бил исправен, но досега нема информации какви се резултатите.

Курти ја обвини најголемата партија на косовските Срби дека го претставува Белград

Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини најголемата партија на косовските Срби „Српска листа“ дека е под команда на Белград, додека властите ја разгледуваат нејзината жалба против забраната за учество на претстојните парламентарни избори.

-Српската листа, за жал, го претставува широкиот опсег и високиот степен на мешање на Србија во внатрешните работи на Косово, изјави синоќа Курти на новинарите.

Централната изборна комисија на Косово во понеделникот и забрани на Српска листа да учествува на изборите на 9 февруари, наведувајќи го „националистичкиот став на партијата и блиските врски со Србија“.

Партијата вчера поднела претставка до надлежните органи во Приштина. Член на изборното тело рече дека не може да одобри „структура која отворено не ја признава државата Косово“.

Доколку повторно биде одбиено учеството на изборите, „Српска листа“ ќе има право на жалба по втор пат до Врховниот суд, чии одлуки се конечни.

Курти, исто така, рече дека Србија му дава азил на поранешниот потпретседател на партијата Милан Радојчиќ, чија екстрадиција бара Приштина, откако тој ја презеде одговорноста за вооружениот напад врз косовската полиција во близина на манастирот во Банска, северно Косово, во септември 2023 година.

Филипче со понуда: Да направиме заедничка натпартиска државна стратегија, тоа е реален патриотизам

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес конференцијата по повод шест месеци од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, упати повик за заедничка, натпартиска стратегија која ќе го гарантира долгорочниот развој на државата и ќе ги обедини политичките партии околу реални и издржани планови.

„Во изминатите шест месеци слушнавме понуди за повеќе национални платформи, декларации, некакви повици за обединување. Жално е кога се гледа како партиите од власта терминот обединување го користат всушност за политички поделби,“ истакна Филипче.

СДСМ, како конструктивна опозиција, нуди реално решение кое се темели на заедништво и долгорочна визија.

„Бидејќи СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција, еве јас ќе им дадам реална понуда, а не таква лажна за поделби. Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување,“ изјави Филипче.

Претседателот на СДСМ предложи конкретни чекори за изработка на таквата платформа.

„Од денес им нудам формирање на тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на ваквата платформа, да ги дефинираме стратешките позиции во сите области. Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството и во образованието и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова планот за државата и ова се проектите кои ниедна влада ниту сега ниту во иднина нема да ги кочи и опструира,“ истакна Филипче.

Со овој пристап, според СДСМ, може да се обезбеди долгорочен развој и стабилност во државата.

„Само така ќе може да обезбедиме долгорочен развој. Само ако така сакаат да работат и ако се искрени во намерите ова ќе го прифатат. Ова е реален патриотизам,“ заклучи Филипче.

СДСМ е подготвена за натпартиска соработка која ќе го стави интересот на граѓаните и државата пред политичките манипулации и поделби.

И да се забрани „Тик-ток“, ќе се најде некоја друга форма...Освестувачки статус за сите загрижени за младите

Билјана Здравковска Стојчевска со аналитичен став за сè погласните повици да се забрани Тик-ток. Однесувањето на младите е само рефлексија на општеството во кое живееме, вели таа. 

Нејзиниот фејсбук став ви го пренесуваме во целост: 

- Забраните на ТикТок со цел да се спречи бранот на насилство меѓу децата и младите ми личат на кршење на огледалото бидејќи не ви се допаѓа одразот што го гледате во огледалото. Ајде еве да се забрани ТикТок. Еве и сите социјални мрежи да се забранат.

Што правиме со насилството и агресијата кои децата секојдневно го гледаат во семејствата? Семејното насилство и насилството врз жените има огромни размери во државата и во најголемиот дел од случаите поминува неказнето или со блага казна.

Што правиме со блуењето навреди и омраза против политичките неистомисленици, против оние со различна вера од нашата, против противничкиот спортски тим, против наставничките кои ставаат слаби оценки, против продавачките, провинцијалците, комшиите...

Што правиме со насилството против животните, уништувањето на клупите и љуљашките во парковите, со фрлањето на ѓубре кај што се стигне...?!

Што правиме со неказнивоста која ја толерираме секојдневно како општество? Против толерирањето на злоупотребите на службените позиции за лични цели, посебно ако се "нашите" вo прашање? Против непотизмот и промовирање на “наши” деца и партиски послушници?

Сите овие негативни појави ќе исчезнат и прекинат со забраната на социјалните мрежи ?! Камо да беше толку лесно.

Не, нема да престанат, туку само ќе се најде некоја друга форма преку која тие ќе се рефлектираат.

Однесувањето на младите е само рефлексија на општеството во кое живееме.

радењето на добро општество не се базира на забрани, туку на поттикнување и практикување на доброто однесување, на емпатија, помош на послабите, како и осуда и санкционирањето на кршењето на законите и на насилниците.

Самите одлучуваме какво општество сакаме да градиме.

Промените треба да дојдат од секој поединечно. 

Популарно