Се гледа ли крајот? Цените на становите неконтролирано дивеат

Поскапувањето на становите во Македонија никако да запре. Според податоците на Народната банка само во последниот квартал од 2024 година цената на становите пораснала за 10,6%. Но ова не е исклучок.

Цената е во постојан пораст во текот на целата година па така имаме пораст од 4,6%, во првиот квартал, во вториот од 11,5%, а во третиот 8%.

Драстичното поскапување на становите започна пред речиси 3 години каде кон крајот на 2021 година порастот изнесуваше 11.3% за да продолжи во текот на цела 2022 година каде ја достигна кулуминацијата од 21,3%.

Во Скопје, просечната највисока цена на квадратен метар лани изнесувала 1.680 евра. Во декември просечната цена на становите во општина Центар изнесувала 1.919 евра, во Карпош 1.852, а во Аеродром 1.696 евра.

Во последните години растат и цените на становите во другите градови во земјава како што и расте интересот за градење.

МНР со осуда до Костадинов: Злонамерна објава со директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија реагира на изјавите на лидерот на бугарска политичка партија Преродба, Костадин Костадинов.

Во реакцијата на министерството се вели дека неговата објава е злонамерна со директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на Македонија со која се изразуваат јасни територијални претензии.

„Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава, и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење на добри меѓусоседски односи.

Ваквата недолична изјава на Костадинов, очекуваме од официјална Софија да биде отфрлена како непримерна на духот и времето во кое живееме, европските стандарди кои силно ги почитуваме и спротивно на нашите залагања за обезбедување на траен мир, безбедност и просперитет во Европа и пошироко“, се вели во реакцијата на Министерството за надворешни работи.

Македонскиот пасош е рангиран на 40. место во светот, без виза може да се патува во 129 земји

Британската консултантска компанија Хенли & Партнерс го рангираше македонскиот пасош на 40-то место според индексот на најмоќни патни исправи во светот за 2025 година, и со него може да се патува во 129 земји во светот.

Индексот на Хенли & Партнерс е најчесто цитираното рангирање на пасоши и се заснова на официјални податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА). Примарниот одлучувачки фактор за одредување колку е „моќен“ пасошот е во колку земји може да се влезе со него без виза.

Македонија го дели 40. место со Црна Гора и Маршалските Острови. Од регионот најдобро позиционирани се Грција на шестото и  Словенија на 10 место. Хрватска е на 11-то, Бугарија е 15-та, Србија 34-та. Пасошот на Албанија е на 43 позиција, на Босна и Хрцеговина на 44, а на Косово е 63-ти.

Најмоќниот пасош во светот го има Сингапур, бидејќи овозможува патување без визи во вкупно 195 од 227 држави и територии ширум светот. Втор е јапонскиот пасош (193 земји), на третото место се Финска, Франција, Германија, Италија, Јижна Кореја и Шпанија (192), на четврто се Австрија, Данска, Ирска, Луксембург, Холандија, Норвешка и Шведска (191), на петото се Белгија, Нов Зеланд, Португалија, Швајцарија и Велика Британија (190), шести се патните исправи на Австралија и Грција (189), седми Канада, Малта и Полска (188), а осми на Чешка и Унгрија (187). Американската патна исправа е на деветото место, што го дели со Естонија, чии граѓани без виза можат да патуваат во 186 земји, а листата на топ 10 најмоќни пасоши ја заокружуваат Летонија, Литванија, Словенија и Обединетите Арапски Емирати.

На дното на листата се Ирак чии граѓани можат без визи да патуваат во 31 земја, Сирија – во 27 и Авганистан – во 26 земји.

Закерберг ќе ги укине фактчекерите поради цензура, македонските проверувачи на факти разочарани: „Не сме цензуирале никого“

Основачот на компанијата „Мета“ , Марк Закерберг која ги опфаќа платформите Фејсбук, Инстаграм и Тред пред неколку дена најави дека ќе ги укине услугите на фактчекерите поради цензурата која ја наметнале на овие платформи.

Овие промени според Закерберг ќе почнат најпрво во САД и ќе имаат за цел да ја закајнат слободата на говор. Според основачот на „Мета“, фактчекерите се политички пристрасни и создаваат недоберба наместо да ја градат.

На нивно место, компанијата ќе воведе механизми за ангажман на корисниците за да обезбедат контекст и информации за спорните објави, слично на пристапот што го користи платформата Икс, сопственост на Илон Маск.

„Мета“ ќе ги олабави рестрикциите за теми како имиграцијата и родовите прашања, кои, според Закерберг, се подалеку од мејнстрим дискурсот. Компанијата ќе соработува со претседателот Доналд Трамп за да се спротивстави на законските ограничувања на слободата на говор во различни делови од светот.

Закерберг ја критикувал Европа за „растечки број закони кои институционализираат цензура“, што, според него, ја отежнува иновацијата и развојот на дигиталните платформи.

„Мета“ моментално има повеќе од три милијарди корисници на глобално ниво. Со овие промени, компанијата очекува да го зајакне својот отпор кон ограничувањата што ги наметнуваат владите и да го поттикне плурализмот на своите платформи.

Новите политики се дел од пошироките напори на Закерберг да го реобликува дигиталниот пејзаж, поставувајќи ја „Мета“ како лидер во поддршката на слободниот говор.

Во меѓувреме во Македонија, македонските фактчекери изјавија разочараност од изјавите основачот на „Мета“. Во соопштението тие информираат дека силно ги осудуваат изјавите на Закерберг и посочуваат дека нивните членови истражувале и објавувале докази за лажни тврдења но во никој случај не вршеле „цензура“

Популарно