Се гласа со лична карта и фингерпринт – забрането е семејно и групно гласање

На 3474 избирачки места во земјава денеска во првиот круг од осмите локални избори можат да гласаат 1 832 415 гласачи. Вчера своето право на глас можеа да го остварат 2162 затвореници, лицата во домашен притвор, 8848 болни и немоќни лица и 442 лица во старските домови.

Гласање во дијаспората за локалните избори нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право на глас. 

Гласачките места ќе бидат отворени од седум до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Кој може да гласа?

Право на глас има секое лице кое е запишано во изводот од Избирачкиот список и поседува важечка лична карта или пасош, односно лична карта или патна исправа чија важност истекува од распишување на изборите на 9 август до денот на гласање 19 октомври. 

Гласањето се врши лично.

По доаѓањето на избирачкото место на граѓанинот најнапред му се проверуваат документите за лична идентификација, и тој се потпишува во изводот од Избирачкиот список. Потоа член на избирачкиот одбор му издава гласачко ливче на кое на предната страна мора да му стави печат.

Гласачите на избирачкото место ќе можат само еднаш да одат да гласаат иако има гласање и за градоначалници и за советници, а во Скопје се гласа и за градоначалник на главниот град и за прв човек на една од општините од Град Скопје, како и за советите на Градот и општината. Се гласа тајно, а на овие избори како и на минатите за идентификација на избирачите освен лична карта или пасош ќе се прави и со т.н. фингерпринт апарати. 

На минатите Локалните избори во 2021 првпат беше воведен уредот за биометриска идентификација на гласачите во постапката на гласање.

Според упатствата на Државната изборна комисија (ДИК), при утврдување на личниот идентитет, гласачот е должен пред избирачкиот одбор да се претстави на начин на кој е претставен на фотографијата на документот за лична идентификација. Претставниците на подносителите на листите и акредитираните набљудувачи можат од непосредна близина да го следат утврдувањето на идентитетот на избирачот.

Доколку утврдат дека избирачот го нема во изводите од Избирачкиот список, членовите на ИО се должни да го упатат во надлежното подрачно одделение на ДИК и да ја посетат интернет-страницата www.sec.mk/uvid-vo-izbirachki-spisok/  за да се провери дали тој е запишан во избирачкиот список и доколку е во кое избирачко место може да гласа.

Ако избирачот кој се наоѓа во Избирачкиот список е неписмен или има физички недостаток тој ќе стави отпечаток од десниот показалец на местото резервирано за потпис во изводот од избирачкиот список.

Не смее да гласа избирач кој ќе одбие да се потпише во избирачкиот список.

Се гласа зад параванот за гласање, со заокружување на редниот број пред кандидатот, и тоа исклучиво со хемиско пенкало во сина боја. Доколку гласачот погреши, нема да добие друго гласачко ливче. Превитканото гласачко ливче се става во гласачка кутија. Не смее да се дозволи гласачот да го напушти гласачкото место без да го остави ливчето во кутијата.

Зад еден гласачки параван е дозволено да има еден гласач, освен во случај кога на гласачот му е потребна помош. 

За избирачите – лица со попреченост што не можат да влезат, односно да пристапат до гласачкото место, избирачкиот одбор е должен на овие лица да им овозможи на соодветен начин да влезат односно пристапат во гласачкото место за да го остварат своето право на глас.

Доколку овие лица со себе не довеле лице што ќе им помогне при влезот односно пристапот во гласачкото место, во тој случај избирачкиот одбор е должен да определи лица од редот на избирачите што во тој момент се затекнале во гласачкото место да му помогнат на избирачот со попреченост да влезе, односно да пристапи до гласачкото место за да го оствари своето право на глас.

Семејно и групно гласање и гласање во име на друг е забрането

Нарушувањето на тајноста на гласањето е кривично дело. Со Уставот се гарантира правото на тајност на гласачите. Забрането е семејно и групно гласање и гласање во име на друг. Членовите на избирачките одбори се должни да ги спречат евентуалните обиди за нарушување на тајноста на гласањето. Семејното и групното гласање и гласањето во име на друг значат кршење на избирачкото право, претставуваат основа за нарушување на тајноста на гласањето и може да доведат до поништување на изборите.

За спречување на изборите и гласањето, за повреда и злоупотреба на избирачкото право, за повреда на слободата на определувањето на избирачите, за поткуп при изборите и гласањето, за уништување на изборните исправи и за извршена изборна измама, сторителот ќе се казни согласно законските одредби.

Гласањето завршува во 19:00 часот

Гласачкото место се затвора во 19 часот, а на лицата кои се затекнале во објектот ќе им се овозможи да гласаат.

Прекин на гласање може да има доколку на гласачкото место се наруши редот сè додека тој не се воспостави, во случај на временски непогоди и други вонредни околности, ако приодот до гласачкото место не го обезбедува полиција, а за тоа имало потреба, и доколку полицијата е повикана и не се одѕвала на повикот.

Овластените претставници на подносителите на листите, набљудувачите и гласачите на денот на гласањето на гласачките места не смеат да користат мобилен телефон, апарат или други средства за сликање на гласачкото ливче. Избирачкиот одбор може да го отстрани од гласачкото место секое лице кое не се придружува кон оваа забрана.

На избирачкото место никој не смее да дојде вооружен, освен припадници на полицијата. Полицајците можат да влезат на гласачкото место само во случај кога се повикани од избирачкиот одбор и кога ќе забележат сериозно нарушување на редот и мирот.

Броење на гласовите

Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори го доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

ДИК конечните резултати од изборите ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Жалби

Според Изборниот законик  секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето за Локалните избори може да поднесе приговор на постапката за гласање до Државната изборна комисија (ДИК) во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето.

ДИК е должна да ги утврди фактите и околностите што се од значење за одлучување по приговорот доколку тоа може да го направи по потреба и преку изведување докази како што се: исправи, сведочења на сведоци, изјави на странките, вештачење, увид во гласачкиот материјал и други докази. Државната изборна комисија е должна во рок од 72 часа по приемот на приговорот да донесе одлука. 

Против одлуката на Државната изборна комисија подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по приемот натужбата. Тужбата до Управниот суд подносителот ја заснова на основот и врз наводите истакнати во приговорот по кој е донесена првостепената одлука.

Секој избирач на кого му е повредено личното избирачко право во постапката на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до општинската изборна комисија во рок од 12 часа.

Секој избирач на кого му е повредено личното избирачко право во постапката за спроведување на гласањето во странство може да поднесе приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа преку електронска пошта, лично или преку овластен претставник.

Првостепениот орган е должен во рок од два часа по приемот на приговорот да донесе одлука. Против одлуката на првостепениот орган, односно Државната изборна комисија може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 12 часа по приемот на решението. Ако одлуката на овој член се однесува на одредено дејствие на избирачкиот одбор или избирачот ги исполнува законските услови да биде запишан во избирачкиот список, a процесот на гласање е во тек, на избирачот ќе му се овозможи остварување на избирачкото право, преку процедура предвидена во посебно упатство донесено од страна на Државната изборна комисија. Управниот суд е должен да постапи по тужба во рок од 2 часа по нејзиниот прием.

Секој избирач на кого му е повредено лично избирачкото право во секоја фаза од изборниот процес, може да поднесе приговор до Државната изборна комисија, непосредно или преку општинската изборна комисија во рок од 48 часа.

Првостепениот орган е должен во рок од 4 часа по приемот на приговорот да донесе одлука. Против одлуката на Државната изборна комисија може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 48 часа по приемот на решението а Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа по приемот на тужбата.

Управниот суд по тужбите расправа и одлучува во совет од петмина судии избрани по пат на ждрепка, на јавна седница за која ја информира јавноста, Државната изборна комисија и Службен весник на Република Северна Македонија.

Доколку во првиот круг од Локалните избори не биде избран ниту еден кандидат, вториот круг избори се одржува за 14 дена, во случајот на 2 ноември.

Почнува Саемот за медицина, стоматологија и фармација-Health Innovation Expo 2025

Саем за медицина, стоматологија и фармација – Health Innovation Expo 2025 почнува денеска во Скопје во организација на Комората на приватно здравство на Македонија.

На саемот ќе учествуваат експерти, компании и институции кои ќе ги претстават своите иновативни решенија преку јавни трибини, предавања и саемски презентации.

На отворањето на дводневниот саем најавено е и обраќање на министерот за здравство Азир Алиу.

Од Комората на приватно здравство информираат дека по речиси две децении, земјава добива настан од ваков карактер, создаден како одговор на забрзаниот глобален технолошки развој, дигитализацијата на здравствената индустрија и растечката примена на вештачка интелигенција.

Во ова прво саемско издание ќе ставиме акцент на технолошките иновации со фокус на развојот и правилната примена на вештачката интелигенција, која несомнено ќе придонесе за олеснување на секојдневната клиничка пракса и ќе ја надополни дигитализацијата во здравството. Фокусот на овие технологии е одлична можност за сите заинтересирани компании да ги претстават своите решенија и технолошки достигнувања – преку јавни трибини со учество на експерти и институции, како и преку класично саемско експонирање, посочуваат од Комората и додаваат дека очекуваат квалитетна понуда наменета за повеќе од 5.500 приватни здравствени установи, над 30.000 здравствени работници во приватното здравство и над 33.000 вработени во јавниот здравствен сектор

Успешно реализирана работилницата The Talent Blueprint: Employer Branding, Retention and Leadership in Focus во организација на KARIERA.mk

KARIERA.mk со големо задоволство успешно ја реализираше интерактивната работилница The Talent Blueprint: Employer Branding, Retention and Leadership in Focus, која се одржа на 5-ти ноември во хотелот Панорамика во Скопје.

Работилницата беше предводена од двајца меѓународно признати експерти Gonçalo Sequeira LinkedIn Top Voice и CEO на Hiire, поранешен Head of Recruitment во Mercedes-Benz.io и Yardena Krongold HR стратег и тренер со програми креирани заедно со Harvard Business School и долгогодишно искуство во компании како Amazon, Coca-Cola, Avon, Bayer и Novartis. 

Учесниците имаа можност да:

  • Научат како да изградат и промовираат автентичен бренд на работодавец кој привлекува и задржува таленти
  • Откријат иновативни стратегии за ангажман и задржување на вработените
  • Развијат лидерски вештини што поттикнуваат доверба, мотивација и организациски раст
  • Истражат реални примери и алатки за ефективен HR менаџмент во динамична работна средина
  • Се вмрежат и разменат искуства со професионалци од различни индустрии

Атмосферата беше инспиративна и интерактивна – преку дискусии, практични задачи и студии на случај, учесниците добија вредни увиди и конкретни чекори кои веднаш може да се применат во нивните компании.

Голема благодарност до нашите говорници Gonçalo и Yardena за инспиративните предавања и практичните совети, како и до сите компании кои учествуваа и ја направија оваа работилница навистина посебна: Lingvistika dooel, LSG Building Solutions, Borek Solutions Kosovo LLC, Unija Smart Accounting, ZEGIN, Makpetrol, Mikrosam, BTA, Pakom Kompani, Rhino Entertainment Group, Moznosti, Prokredit Banka, Transcom, Women in Tech, TAV Makedonija, Banzae, Kemet, Adient Seating Shtip, Lear Corporation, Adra, Samerimpex-impulsi, Panteleon GS, Kromberg & Schubert Macedonia, Zito Luks AD, Limitless Solutions, Kaz Group.

KARIERA.mk продолжува со својата мисија да создава настани кои ја поврзуваат HR заедницата и ги поттикнуваат организациите да растат преку знаење и инспирација.

Ви благодариме за присуството и позитивната енергија!

Погледнете дел од атмосферата во продолжение – се гледаме на следната работилница!

Денеска и утре е Митровденска задушница – спомен за починатите

Православните христијани денеска и утре ја одбележуваат Митровденската задушница во знак на сеќавање на починатите.

Црквата пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите.

Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените. На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите.

На Задушница верните даваат милостина на сиромашните и се молат за покој на душите на упокоените.

Митровденската задушница секогаш паѓа во саботата пред празникот Митровден. Митровденската задушница е востановена во XIV век и најпрвин била руска традиција, од каде преминала и во повеќето православни цркви. На оваа задушница, во прво време биле спомнувани само православните војници, меѓу кои биле и двајцата монаси Александар Пересвјат и Ослабја од Московската обител на Живоначалната Троица кои паднале на браникот за верата и татковината. Димитриј Јованович Донски, откако ја извојувал победата во битката со Мамаите на Куликовското поле во 1380 година, во која загинале и двајцата спомнати монаси, ја посетил нивната света обител за таму да учествува во извршувањето на поменот за нив. Притоа тој предложил Црквата да го прави овој помен секоја година во Митровденската сабота, односно во онаа сабота која е најблиску до празнувањето на св. вмч Димитриј (08 ноември). Од тоа време Црквата ја приброила оваа задушница во вселенските родителски саботи, а нешто малку подоцна востановила во оваа сабота да се извршува помен не само за паднатите за верата и татковината војници, туку и за сите починати воопшто.

Популарно