КОНЕЧНО: Кого подржаа најголемиот број Македонци?

19 Мај 2015 година, 60то издание на Евросонг. Натпревар за најдобра песна во Европа, културна манифестација или политички кич, или можеби геј парада... оваа година нам ни е неважно. Иако испратиме одличен пејач и солидна песна, Македонија денеска не зборува за Евровизија. Додека другите го сфатија светот како поле за културен натпревар на нардоите, ние решивме дека е време уште еднаш да се поделиме и да му покажаме на светот како изгледа тоа.

maso(1)

Два политички митинга во два дена. Две големи толпи на народ со потполно контрасни ставови на улица. Две различни идеологии, погледи на иднината, сегашноста, а посебно минатото. Два митинга и еден куп луѓе кои од петни жили се обидуваат да покажат дека на „нивниот митинг“ имало повеќе народ. Дека токму нивниот собир бил ПРАВИОТ народ. Некои (Пендаровски) отидоа до таму што присутните на соседниот митинг ги нарекоа овци, но се работи за поединец кој сериозно ја промашил професијата, а мама и тато биле многу зафатени, па немале време да го воспитаат малиот „професор“ на кој не му е прв пат да ги навреди сите оние кои не размислуваат како него. Но и тоа помина, па дојде време на шатори и кампови на улица. Мислев дека само деца (средношколците) го можат тоа, но пак ја потценив исполитизираната глава и желбата за власт.

Уставно загарантирано право на секој од нас е правото на протест и тука нема ништо спорно. Уставно право исто така е правото за политичка определба. Значи уставот на секој од нас му дозволи присуство на едниот или/и другиот митинг. Да го искаже својот став, да даде подршка на своите и критика на другата страна. Сето тоа е во ред, но што е сега со камповите? Уставот и тука ги штити демонстрантите, но дали сега ние останатите сме жртви на нивната „демократија“? Не зборувам тука за затворената улица или „заземениот“ парк, туку за тоа што и двата кампа се обидуваат на сите нас да ни го одземат нашето уставно право на слободен избор.

1. Ќе почнам со СДСМ, само затоа што тие први монтираа шатори. Причината за кампот на Илинденска е барањето за оставка на Премиерот Никола Грувски и Владата на Р. Македонија. Овие 50тина луѓе, кои никој не ги избра, ниту гласаше, решија дека е време Никола Грувски да си даде оставка. Тие пред Владата дојдоа со свои барања кои го рушат уставниот поредок во Македонија. Тие не бараат избори, туку на сила, на улица пад на Владата, а со тоа ни го одземаат на нас останатите уставното право за избори на кои ние ќе го дадеме својот глас. Овие 50 тина луѓе бараат оставка на Влада изгласана од повеќе од 500.000 луѓе!!!

2. ВМРО и шаторите во „Жена парк“ за подршка на собранието. 25 години собранието во Македонија не било подржано со шатори, па ништо не му фали. Ја разбравме поентата на митингот на владеачката партија. Целта беше да се покаже дека има задоволен народ од Никола Груевски и соработниците. Реално ВМРО тоа го покажува на избори веќе 9 години, но противникот овој пат сакаше да одмери сила на улица, па Груевски ја прифати играта. Но, и ВМРО го следи својот противник онаму каде не треба. Оние 50тина шатори во паркот спроти собранието се ставаат себе пред народот, пред сите нас кои на избори даваме легитимитет и заштита на собранието на Р. Македонија. И овие 50тина „заштитници“ никој не ги избра или гласаше, па затоа и тие на свој начин го рушат уставниот поредок.

Два дена и два митинга. Се изнаслушавме бројки навреди, теории на заговори, ветувања, блефови, но никој не го спомна рушењето на уставниот поредок, а тоа е најважно. Ако само еднаш ги заобиколиме принципите на демократијата, таа никогаш повеќе нема да владее во Македонија. Држава се гради на права загарантирани од устав, а едно од нив правото на самоопределување на демократски избори. Јас моето не го дадов на оние 200.000 луѓе собрани на двата митинга. Ниту едните ниту другите немаат право да се повикаат на мојот глас, а најмалку оние кои останаа во шаторите! 200.000 луѓе е огромна бројка во Македонија, но гласачкиот список е многу поголем. Затоа овие камперите немаат легитимитет да бараат нешто за што решава цела Македонија.

Ако 50 шатори успеат да ја бутнат или спасат Владата, зарем тоа нема да се повторува секој месец? Ако власт се својува со 100.000 луѓе на улица (во најдобар случај толку имаше и на двата митинга), тогаш се што треба да направите за да добиете власт во Македонија е да ја викнете Цеца на својот митинг!  Тоа е демократијата за која зборуваат „експертите “ на едните или другите?

200.000 луѓе беа на улица за подршка на својата политичка опција, но 1.800.000 не беа. Бројте како сакате НИЕ СМЕ ПОВЕЌЕ! Тоа се вистинските бројки! Ние решаваме. НИЕ СМЕ МАКЕДОНИЈА!!!!

П.С. Со среќа Даниел!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно