Продолжуваат провокациите од Косово: Фамилиите на убиените терористи ќе ја тужеле Македонија?

Откако државата протекторат воопшто не презеде одгворност за терористичкиот напад во Куманово, фамилиите на косовските терористи што загинаа во Kуманово можеби ќе ја тужат Македонија поради „малтретирање на убиените“, пренесе албанската телевизија „Топ-ченел“, додавајќи дека тоа ќе биде направено по погребот на деветтемина Kосовци. Околу ова прашање, фамилиите на убиените се консултирале и со косовското министерство за надворешни работи и министерството за правда, кои ветиле советувачка помош за тужбата. Во косовските медиуми веќе неколку дена се шират шпекулации дека терористите биле убиени откако се предале. „Зери“ пишува дека следната недела косовското обвинителство можеби ќе почне истрага за смртта на Kосовците во Kуманово откако ќе биде изготвен извештајот од аутопсијата. 

kosovo_1

Во меѓувреме, по погребот на Бег Ризај, вчера во Приштина беа погребани и преостанатите осуммина терористи. Стотици Kосовци вчера им оддадоа почит на, како што наведуваат тамошните медиуми, ветераните на ОВK убиени во Kуманово. Церемонијата беше организирана од здруженијата излезени од војната на ОВK. Биле поканети претставници на сите косовски институции, но, како што пренесе „Kоха диторе“, ниту еден државник не се појавил да оддаде почит. Сепак, медиуми пишуваа дека се појавиле пратеници од неколку партии како Алијансата за иднината на Kосово (ААK), движењето Самоопределување и други. Телата на терористите вчера беа однесени во салата „Први октомври“ од страна на лица облечени во униформи на ОВK. Во салата имаше десет маси, од кои две празни, на нив имаше само цвеќиња, а пред нив две лица држеа фотографии од Ризај и од Нусрет Kаљоши, Албанецот од Македонија, кој исто така беше убиен при нападот на Kуманово. Kосовски „Зери“ пренесе и фотографија од околината на Приштина на која се гледа знаме на половина копје, откако претходно тоа беше направено и во Хани и Елезит (нам познат како Генерал Јанковиќ), на самата граница со Македонија.

Во Kосово се очекува и објавување на резултатите од аутопсијата извршена во Приштина. Директорот на Одделот за судска медицина на Kосово, Арсим Герџалиу, истакна дека тој не може да зборува за состојбата на телата, но дека самите фамилии ја виделе.

Во меѓувреме, се разви и дебата дали Kосово може да ги гони терористите од Kуманово. Имено, таму учеството на Kосовците во конфликти надвор од земјата се смета за илегално, а пратениците дури и одобрија закон, чија главна цел беше спречување на оние што одат во војна во Сирија и Ирак.

- Ако тие бидат екстрадирани во Kосово, мислам дека тој закон ќе се примени селективно или воопшто нема да се примени. Мислам дека ќе се употреби само кривичниот законик за да се казнат за поседување оружје без дозвола – истакнува аналитичарот Шпенд Kурсани.

Европската комисија одби да го осуди потегот на Kосово, држава што има аспирации да стане земја-членка на ЕУ и веќе има потпишано Договор за стабилизација и асоцијација со Унијата, за погребот со државни почести на терористите што учествуваа во нападот на Kуманово, јави МИА. Портпаролката на Еврокомисијата, Маја Kоцијанчич, одби директно да одговори на прашањето дали ЕУ ќе продолжи да молчи за тоа што Ризај беше закопан со почести и присуство на припадници на косовската власт, иако тој е дел од Албанската национална армија (АНА,) која е на црната листа на ЕУ и на САД како терористичка организација.

- Ние не остануваме тивки за оваа ситуација и ја знаете нашата позиција во однос на настаните во Kуманово, која беше многу јасна уште кога тие се случија - истакна Kоцијанчич.

Претходно, Еврокомисијата исто така одби да ја услови терористичката група што ја нападна Македонија како таква, ниту да образложи како браќата Kуаши што ги убија новинарите на магазинот „Шарли Ебдо“ во Париз од првиот ден беа прогласени за терористи, а терористичката група што ја нападна Македонија е само вооружена група.

Лидерите на вооружената група косовски Албанци, кои се судрија со полицијата во Kуманово, планирале и напади на затвор во близина на Подуево, во Kосово, со цел да ослободат опасни криминалци, јави српската телевизија РТС, повикувајќи се на приштинскиот весник „Kоха диторе“.

Според документи и информации на косовското разузнавање и полицијата, Бег Ризај и Мирсад Ндрецај, со група од 44 лица планирале да извршат напад врз строго обезбедуваниот затвор во близина на Подуево, со цел да ослободат двајца затвореници, обвинети за тешки злосторства, вклучително убиства.

Групата била следена од полицијата од 2013 година, а повеќе детали за планот се откриени по нивната последна средба со лица, осомничени за исламски екстремизам во Kосово.

Коментари

Популарно