Самоубиство во Кошаркарската федерација на Македонија

Секоја држава и народ има сојузници, но и непријатели. И секако еден, државен непријател број еден. На пример за САД тоа е Русија, за Северна Кореја тоа е Јужна Кореја, за Србија тоа е Албанија, за Македонија тоа е ... Македонија. Да, да, ние сме уникатни. Нас непријателот дома ни спие. Нашиот главен непријател не се Грците, Бугарите, Албанците... туку ние самите.

Кошарка-Македонија-Белгија-6-600x400

Оваа теза, на неколку пати е докажана, а со тоа станува факт, вистина, реалност. Да не се навраќаме многу далеку, доволно се Балканските војни и Букурешкиот договор. Македонците војуваат на сите фронтови, гинат, ама ја губат државата, бидејќи не биле единствени и не донеле заедничко решение на чија страна ќе застанат. И во моментиве на страшна раздвиженост на светската политика и менувањето на светскиот поредок, падот на САД и подемот на Русија заедно со Кина, Македонците се поделени. Ние место да избереме страна и цврсто да застанеме до сојузнците со наши барања, си пукаме бомби, спиеме по улици, менуваме закони на неделна база, си играме политичари по секое село.

Пред неколку дена прославивме 24 години независност, што реално гледано е огромна бројка, кога во генот носиме самоубиствен синдром. Чудо е како сеуште го имаме ова мало парче земја. Можеби никој не го сака, па затоа сеуште постоиме како народ. Синдромот што толку пати се покажал како решавачки, не се јавува само во политиката, туку во сите сфери на нашето постоење. Токму затоа во Македонија нема култура, нема уметност, нема спорт... синдромот убива се, уште пред да се роди. Ако некогаш нешто му пребега...

Пред 4 години се случи токму тоа. Никој не очекуваше таков успех на нашите кошаркари во Литванија, па дури ни тие самите. „Леле што направивме“ ќе остане запишано во победничкиот дел од македонската историја. 100.000 луѓе ги дочекаа хеорите кои се искачија близу до европскиот врв и од самоубијци не претворија во победници. Бевме горди што Македонија има такви синови! Барем на неколку дена бевме горди што сме Македонци. На такви победи се гради идентитет, национално чувство, патриотизам... Но, во моментите на еуфорија заборавивме на самоубоствениот синдром и никој не очекуваше дека некоја будала во фотења ќе го смени Марин Докузовски, па на квалификации за олимписки игри ќе го прати неговиот помошник од репрезентацијата Лазовски. За една недела од четврта репрезентација во Европа станавме репрезентација на која кошот и е крив! Од горди Македонци, со само еден потег станавме гневни, тажни, разочарани Македонци. Нормално, главните во федерацијата ова не го сфатија како личен неуспех и не се обидоа да му се извинат на Докузовски и да го намолат (ако треба и на колена) да се врати, туку ни најдоа селектор за во Словенија 2013, на кој воопшто не му беше дојдено до Македонија. Човекот едвај чекаше да заврши тоа ЕП и да му се приклучи на својот нов клуб во Словенија.

Следуваше отказ на еден куп репрезентативци и сите помисливме дека тоа е крајот. Ги прежаливме нашите идоли. Како и секогаш Македонецот се помири со победата на синдромот. Федерацијата најде селектор странец кого го привлече со успехот од Литванија, без да му каже дека тие играчи нема да му бидат на располагање. Но, човекот се бореше. Иако неговите методи на моменти личат на улични, својствени за тренери од минатиот век, па и векот пред тоа, тој изгради екипа. Тим што иако далеку од квалитетот на оној од 2011 година, имаше хемија и желба за победа. И успеа, ни обезбеди Европско првенство во Хрватска.

Во секоја држава тоа би било знак за додатен мотив и организација за што посилна репрезентација. Во секоја друга држава тоа би било знак кога во репрезентацијата се враќаат оние кои решиле да се пензионираат. Во секоја друга држава федерацијата би се обидела да направи се, за што подобар пласман, но ова не е секоја друга држава. Тука владее синдромот, па сега новото раководство на КФМ реши на 2 дена пред почеток на подготовките да го набрка селекторот со оправдување дека нема пари, кои сега секако ќе мора да ги платат. По рецепт на старото раководство уште еднаш за селектор беше назначен помошник на Марин Докузовски. Во меѓувреме Заре Марковски (директор на федерацијата) претера во своето мешање, па кошаркарите го набркаа. Резултатот идентичен како оној на Лазовски. Една победа и многу порази. Разликата е во тоа што Србиновски не се пожали дека кошот е крив.

И како ова да не беше доволно, вечерта пред најважниот меч за нашата селекција, оној против Грузија, жестока преписка меѓу легендата на македонската кошарка, сега претседател на КФМ, Петар Наумовски и екс капитенот Перо Антиќ. Наумовски го обвини Антиќ дека поради неговот неиграње сме толку слаби, додека Перо напиша дека никогаш не би играл за Наумовски... Јас лично не го познавам Наумовски и не знам каков човек е, но со неговата изјава токму пред мечот со Грузија јасно им порача на кошаркарите дека нема доверба во нив. Од друга страна, Антиќ мајсторе, никој не побара да играш за Наумовски, туку за Македонија! За сите нас кои пред 4 години те чекавме како да се враќаш од фронт на кој си ја ослободил Македонија. Херој се станува еднаш, но тој статус се брани цел живот, а ти го погази.

Македонија првенството го заврши во созли. Солзите на големиот Владо Илиевски, кој и на 35 години покажа дека самоубиствениот синдром не работи кај сите. Владо е отпорен на него, но време е да замине во заслужена пензија. Фала мајсторе за се и се најубаво во животот.

Сега не очекуваат уште откажувања, нов селектор (ако сте заинтересирани брзо барајте работа како помошник на Докузовски), тежок пат до следното ЕП. Како и секогаш никој нема да одговара за ништо и се ќе се бутне под теписон. Се до следната шанса за успех, а тогаш синдромот ќе превземе.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно