Рамковен или Пржино - Кој договор е поштетен за Македонија?

Неколку дена по потпишувањето на договорот во Пржино, пишував под наслов „Како ли победија СДСМ или ВМРО кога Македонија загуби?“ и го критикував срамниот, противуставен договор потпишан од лидерите на политичките партии. Неколку месеци подоцна, денеска, веќе ги живееме негативните последици од истиот.

306704-shto-kje-obelodeni-piter-vanhaut

Договорот што го погази Уставот на Р. Македонија, врвниот документ кој на граѓаните во државава ни ветува права, не реши ништо, но создаде многу нови проблеми. Сакал јас или не, овој договор ме потсетува многу на Охридскиот – рамковен од 2001 година. Исто, како и Охридскиот потписниците и на договорот од Пржино немаа никаков легитимитет, т.е. право да го потпишат. Иако, по квантитет е многу помал, исто како и со Охридскиот и сега лидерите на политичките партии го толкуваат контрасно различно. Да се чуди човек, како е возможно втор пат да ни се случува истото, а јавноста повторно да биде бомбардирана со други, неважни теми.

Мене воопшто не ме интересира дали Заев се плаши од избори, тоа си е личен негов страв, доколку постои. Ич не ми е гајле дали Груевски има внатрешни проблеми во партијата. Дали Шекеринска цврсто стои зад лидерот на СДСМ, каде гледал Хан додека ја давал изјавата... Не ме интересира ниту што пишувале „провладините“ или „соросоидните“ медиуми. Ама воопшто не ми е гајле! Но, ме интересира:

1. Зошто Груевски го потпиша против уставниот договор во Пржино? За опозицијата ми е јасно! Всушност на ДПМНЕ им е даден мандат да ја води и штити државата, не на СДСМ, па со тоа и одговорноста за договорот логично е да ја барам од партијата на власт.

2. Дали во договорот од Пржино пишува нешто за „ регулирани медиуми“ и како тоа изгледа на хартија? Не верувам дека Груевски во Пржино потпишал дека директорот на агенцијата за медиуми кој ќе го избере СДСМ може да затвори телевизии, ако не му се по кеиф, па би сакал да знам од каде храброста на Заев да бара нешто толку нелогично.

3. Зошто избирачкиот список се чисти на секои избори и никогаш не е исчистен? Колку што јас знам претседател на ДИК е опозиционер, па ме чуди што избирачката комисија сеуште не започнала со работата. Или да го цитирам градоначалникот на општина Карпош: „За што земаат плата челновите на ДИК?“

Ова се само дел од прашањата на кои никој нема да одговори, па токму затоа и ќе застанам на само три. Нема логика да трошам тастатура, веќе ништо нема логика на нашата политичка сцена. Имаме министри од опозиција со право на вето, премиер во оставка, опозиција што сака избори, но само ако се створат барем мали шанси да не доживее потполн дебакал... и народ што се засити од целата фарса и мирно ги чека изборите. Без разлика дали истите ќе бидат на 24ти Април или 5ти Јуни, некој Септември... на крајот народот ќе пресуди, но изборниот резултат нема да ги испере гревовите и лузните нанесени на државата. Пржино ќе се применува на секои следни избори, а Македонија ќе служи за потсмев во цивилизираниот свет, слично како и по Рамковниот договор од 2001 година. Денешното македонско општество нема сила или капацитет да ги казни политичарите кои ни го приредија овој срам, но бидете сигурни дека историјата ќе го направи тоа.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно