ГАЛЕРИЈА: Ова е најубавата жена во Универзумот

Ирис Митенаер, 23-годишна студентка по стоматологија од Франција, е победничка на годинешниот натпревар во убавина „Мис универзум“ што се одржа во главниот град на Филипини, Манила. Французинката и' ја донесе првата победа на својата земја, а триумфираше во конкуренција на 86 натпреварувачки. За нејзина прва придружничка беше избрана мис на Хаити, Ракел Пелисие, а втора, мис на Колумбија, Андреа Товар.

Ова е првпат пое 27 години титулата мис на универзумот да ја понесе натпреварувач од некоја европска земја. Интересно е тоа што Ирис беше единствената Европејка која се пласираше во финалето, во кое со години доминираат убавиците од земјите од Латинска Америка.

Во првите 12 финалистки влегоа девојките од Кенија, Индонезија, САД, Мексико, Перу, Панама, Колумбија, Филипини, Канада, Бразил, Франција и Хаити. Девојката од Тајланд беше 13. финалист, а неа ја избраа гледачите кои гласаат преку телефон и интернет.

Мис универзум изјави дека сака екстремни спортови, патувања и француска кујна, а за време на кампањата се залагаше за миење заби. Победничката која е од Лил, на северот на Франција, една година ќе живее во Њујорк, а за време на мандатот покрај бројни награди, кои вклучуваат облека, накит, услуги на стилист... ќе добива месечна плата и ќе живее во елитниот дел од градот. Исто така, една година ќе биде амбасадор за разни кампањи, ќе патува низ светот, ќе биде пример на младите жени и ќе ги извршува сите активности кои ќе и' ги додели нејзината агенција WME/IMG.

Домаќин на изборот и овој пат беше Стив Харви, кој минатата година по грешка ја прогласи мис на Колумбија за победничка и предизвика хаос. Овој пат се пошегува на своја сметка и се одјави со реченицата: „Јас сум Стив Харви и овој пат го направив тоа како што треба“.

Коментари

Популарно