Се менува законот: Алкохол ќе се продава и по 19 часот

До крајот на неделава треба да се дознае дали целосно се укинува забраната за продажба на алкохол после 19 часот, пишува Телевизија Нова. Од Министерството за економија за телевизијата велат дека откако ќе биде доставен на увид на јавноста, законот ќе треба да добие зелено светло од Владата, а потоа и од Собранието.

Според проценките, ако се оди според процедурата би требало на почетокот на март законските измени да стапат во сила.  Според постоечкото решение, алкохол сега може да се продава до 19 часот во зима и до 21 часот во лето, но со новите законски решенија, тоа нема да важи и ќе може да се продава во било кое време. 

Според податоците, во изминатите години над 5.500 трговски објекти од вкупно 13.000 се откажале од продажба на алкохол, со што драстично се намалил нивниот промет, но затоа има пораст на нелегално производство и трговија на алкохол. Со новиот закон кој допрва треба да се донесе останува знак прашалник дали продавачите ќе имаат дополнителни давачки или не.

Владата во декември минатата година донесе одлука да се укине забраната за продажба на алкохол после 19 часот и укинување на ограничувањето, односно забраната на продажба на алкохол во киосци, за кои ќе се издава лиценца и го задолжи Министерството за економија во рок од два месеци да направи законски измени во Законот за трговија.

„Предложените измени во Законот за трговија ќе бидат во фунција на укинување на ограничувањата во Законот кои беа воведени во 2008 година, а кои се однесуваат на ограничувањето на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и можност алкохолни пијалаци да се продават во киосци, освен на бензинските станици“, велат од Министерството за економија.

Коментари

Популарно