Струмичката полиција го расчисти случајот во кој 40 годишен жител на селото Рич беше смртно застрелан со ловечка пушка. Осомничен е 38 годишен струмичанец на кого судија на претходна ппостапка веќе му одредил мерка притвор во траење од 30 дена. Притворениот бил дел од осумчлената екипа која пред два дена била на лов на местото викано Медев Рид во атарот на селлото Белотино, а во непосредна близина на браната Водоча. Од полицијата информираа дека во кобниот момент 38 годишниот струмичанец испукал еден патрон од пушка која не била негова туку сопственост на лице од селото Белотино и го погодил 40 годишниот жител на селото Рич кој во тој момент се движел на околу триесетина метри по шумска патека низ непрегледна шума.
,,Пријавениот, со намера да го прикрие настанот, ги известил другите лица кои во меѓувреме дошле на помош, дека Ж.И од невнимание се самозастрелал, притоа ја зел пушката која ја користел сега починатиот и ја пренел на друго место на оддалеченост на околу 50м. потпирајќи ја на една грмушка и враќајќи го петлето напред.,, вели Хризантема Рендевска – портпарол на СВР СТрумица
Пријавениот пред да ја врати на сопственикот пушката со која пукал го извадил употребениот патрон и го фрлил во водите на браната Водоча.
,, Откако повредениот од страна на другите лица кои биле на лов бил качен на трактор со цел побрзо да му се пружи лекарска помош, пријавениот ја земал пушката со која бил на лов, заминал кон брана Водоча, земал метална жица и го одбравил затворачот на пушката кој бил оштетен, го извадил и фрлил употребениот патрон во водите на брана Водоча, а потоа пеш заминал за с. Белотино, враќајки ја пушката на лицето од кое ја зел заедно со уште четири неупотребени патрони. ,, информираше Рендевска
Извршените проверки по настанот покажале дека ниту пријавениот, ниту починатото лице немале дозвола за поседување на огнено оружје ниту пак биле членови на ловното друштво Беласица. По наредба на јавен обвинител врз телото на починатиот е извршена обдукција, а пријавениот е лишен од слобода и задржан во полициската станица во Струмица. Против него е поснесена кривична пријава за тешки дела против општата сигурност.