ВИДЕО: Синот на Гордана Силјановска повторно засвире на кавал во Градскиот парк

Синот на Гордана Силјановска Давкова, кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која на гласачкото ливче ќе биде под реден број 2, денеска го искористи сончевиот викенд и повторно свиреше на кавал во Градскиот Парк во Скопје, откако претходно се крена голема прашина на оваа тема на социјалните мрежи.

На видеото наСкопје1, се гледа како тој свири во преполниот Парк.

Откако пред неколку денови се појави фотографија на Павле како свири кавал во Градски Парк за добротворен прилог, се огласи и професорката Силјановска и побара нејзиното дете да не се злоупотребува во политичката кампања.

- „Зарем некој како мене кој бара укинување на привилегиите на политичарите, расипништвото и корупцијата ќе има семејство кое ужива во скапи коли, мотори, луксуз?! Горда на Павле! Брилијантен правник, умен, скромен, независен, воспитан, човечен“, напиша Силјановска на Твитер, па на Фејсбук додаде дека како граѓанин и уште повеќе како професор, уште пред да влезе во претседателската трка, знаела дека кампањата ќе биде валкана и дека ќе го изложи и семејството, и побара децата да се остават на мир.

Во одбрана на Силјановска пред неколку дена застана и поранешната министерка за култура, Ганка Цветановска.

- Кога самоумислената "елита" се потсмева и ги омаловажува оние кои решиле да бидат свои а да не го живееат животот според квазиелитистичките стандарди, тоа не е ни срамно ни долно. Тоа е веќе жално. Респект за сите кои се во допир со музиката и природата, напиша Ганка.

Денеска пак, откако Јован Јаулески, претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, на својот профил на социјалните мрежи постави монтирано видео со фотографии и имиња на децата на функционери од власта, прикажувајќи дека тие живееле во луксуз, остро реагираа од СДСМ, а воедно упатија и осуда за нападот на синот на Гордана Силјановска Давкова.

– Објавеното видео на социјалните мрежи од страна на  Јован Јаулески, претседател на УМС, на кое приватни фотогорафии на деца на политичари се ставени во друг контекст, не е само упад во приватноста туку директно посегнување по семејствата. Таквиот однос и злоупотребата на семејствата, на приватноста, не треба никогаш да биде дел од партиската или политичка дискусија. Семејството има посебна важност и не смее да биде користено во партиската и политичка комуникација. Во оваа насока СДММ го осудува и нападот кон синот на Гордана Силјановска и обидите за негова дискредитација или злоупотреба во други цели – соопшти Александар Димитриевиќ, претседателот на СДММ.

Коментари

Популарно