Казна од 500 евра за сопственикот кој си го напушил кучето

Несовесен сопственик на куче кој го напуштил, заработи казна од 500 евра во денарска противвредност. Тој ја напуштил кучката заедно со уште три кучиња кои биле нејзин подмладок, а пред инспекциските служби потврдил дека е сопственикот.

Казната му е изречена од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и е најверојатно прва во земјава. За случајот информираа и од АХВ. -Во конкретниот случај, казната е изречена врз основа на поднесена претставка од невладина организација за заштита на животните, која го вдомила кучето, а која по неколку месеци, истото го нашла напуштено заедно со уште три кучиња, нејзин подмладок.

Лицето пред инспекциските служби на АХВ потврдило дека бил сопственик на кучето кое не било микрочипирано, а за кое тврдел дека подолго време е изгубено, зашто немал поднесено пријава.

По пронаоѓањето, кучката која според претставниците на невладината организација чека вдомување во Англија, била повторно згрижена од нивна страна и стерилизирана, а нејзините кучиња се вдомени – информираат од агенцијата.

Aгенцијата за храна и ветеринарство апелира до сопствениците на домашни миленици, до крајот на годинава да ја искористат можноста и бесплатно да ги микрочипираат милениците во рамки на кампањата за бесплатно микрочипирање која почна во септември минатата година, а чии активности се реализираат во рамки на тригодишната Стратегија за благосостојба на животните на АХВ.

За оваа намена, обезбедени се бесплатни 100 илјади микрочипови за домашните миленици

Коментари

Популарно