Никола Димитров во Солун: Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе изгуби

Грчки медиуми објавија дека Никола Димитров, министерот за надворешни работи, се осврнал и на ставовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за време на Конференцијата на министрите за надворешни работи на западнобалканските земји и на членки на ЕУ кои граничат со регионот, што се одржа на високо ниво насловена „Од Солун до Загреб” во грчкиот пристанишен град.

„Важно е да се знае каде сакаме да одиме и како да одиме таму. Не можам да зборувам за ВМРО - ДПМНЕ, не знам дали тие ќе бидат на власт по изборите, мислам дека ќе изгубат. Мора да бидеме искрени со граѓаните. Не е конзистентно да не се поддржува Договорот од Преспа а да се гласа за ратификацијата за членство во НАТО. Не е исправно да не ти се допаѓа зборот (Преспански договор) а да уживаш во неговите придобивки“, дополнил шефот на македонската дипломатија.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој беше еден од учесниците на форумот, оцени дека од него е упатена голема порака оти не може да се замисли цела, стабилна и успешна Европа без целосна интеграција на Западниот Балкан.

– Тоа е и повик, согласно заклучоците од Европскиот совет минатиот октомври, да се донесат одлуки за пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија пред Самитот во Загреб, изјави Димитров, додавајќи дека средбата била корисна бидејќи на неа се гради едно чувство на заедништво во регионот на Западен Балкан меѓу земјите кои веќе се членки на ЕУ и оние кои се уште не се дел од блокот.

Според Димитров, за да може да се продолжи да се говори за европската перспектива на регионот, неопходно е постигнување консензус за зелено светло за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија без одлагање.

– Март ќе биде тест и за геополитичките амбиции на новата Комисија и на самата ЕУ за кредибилно глобално влијание. Што се однесува до нас, не сме совршени, но сметам дека сите ќе се согласите оти изградивме силно досие и испорачавме. Крајно време е и да се препознае важноста на моментот од страна на Европскиот совет и да се зграпчи шансата за заеднички успех, изјави министерот Димитров.

Учесниците на собирот во документот „изразуваат очекување дека во согласност со препораките на Европската комисија, ЕУ ќе донесе одлука за започнување на пристапните преговори со Република Албанија и Република Северна Македонија пред Самитот во Загреб во мај 2020, а по можност во март“.

Инаку, на маргините на конференцијата, министерот Димитров имаше билатерална средба со генерална секретарка на Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС), Хелга Шмид со која разменија мислења околу актуелната атмосфера во институциите и земјите членки на ЕУ, како и за евентуалните предизвици  и изгледите за заслуженото конечно исчекорување напред на Северна Македонија на евроинтегративниот пат. добри вести за почеток на преговорите.

Димитров имаше куси разговори и со други учесници на конференцијата, меѓу кои со Дендиас, Грлиќ Радман, Церар, шефот на црногорската дипломатија Срѓан Дармановиќ и со заменик генералниот директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија, Мачеј Поповски.

Коментари

Популарно