Пред тестирање за Ковид-19 не треба да се јаде, пие вода, џвака мастика или пуши цигара

Забрането е јадење, пушење и пиење на вода најмалку 30 минути пред тестирање за Ковид 19 а еден час пред тестот не треба да ги миете забите ниту да ја плакнете устата. Никако не џвакајте и мастика најмалку  половина час пред одење во лабораторијата. Ова ни го потврдија и микробиолози кои ги контактиравме со образложение дека мастиката дејствува како антисептик и може да го замаскира вирусот. Ова се официјални препораки објавени во многу евроспки земји и им укажуваат на граѓаните што треба да знаат пред земањето на брисеви или крв за утврдување на вирусот. Во Македонија вакви протоколи нема. Никој не им кажува на пациентите што треба да прават и дел веќе реагираат што добиле негативен тест за корона иако имале симптоми.

 Засега нема официјална анализа дали тие резултати се должат на погрешно земен брис или пак непочитување на одредени препораки.

Но протоколи за лекување на ковид пациенти немаат ниту матичните лекари. Тие реагираат дека изминатиот период сите ја обвинуваат примарната заштита за зголемениот број на хоспитализации и компликации кај пациентите. Но од здружението на лекари по општа и семејна медицина велат дека не седеле со скрстени раце и многупати досега доставале барања и решенија до здравство и Комисијата за заразни болести, но одговор нема.

Во последниот нивен допис јасно е наведено што е неопходно за соодветен медицински третман.

1 - Отварање на  пунктови на пр. во состав на здравствените домови каде би можело пациентите со Ковид 19 водени на домашно лекување, по индикација и со електронски упат од страна на матичниот лекар да направат РТГ на бели дробови, лабораториски анализи, D-Dimeri и хемостаза.За оваа цел да се инкорпорира во ЛУ-2 образецот во ПЗЗ, анализа на CRP, D-Dimeri и хемостаза како фондовски покриени анализи.

2 - Ажурирање на  протокол на лекување на COVID-19 според МБД, научни сознанија и научно поткрепени светски искуства, применливи во ПЗЗ.

3 - Да се изготви протокол за интерпретирање на лабораториски анализи како D-Dimeri и хемостаза,  вклучување на антитромботична терапија (вид и доза) кај пациенти кои би останале на домашно лекување.

4 - Обезбедување на комуникација со Ковид центри.

Здравствените работници во ПЗЗ се преморени, демотивирани и безнадежни и ако ова продолжи вака, со сигурност ќе ја изгубиме битката, порачуваат од Здружението на лекари по општа и семејна медицина.

Коментари

Популарно