ФОТО + ВИДЕО: Сите детали за убиството на матичниот лекар во Железара

Со девет убодни рани во автомобилот марка „киа“ пронајдено е мртвото тело на матичниот лекар Ацо Трпковски. Смената му завршила во 20 часот, но откако не се вратил дома неговите синови почнале да го бараат.

На паркингот кој се наоѓа на 50-тина метри пред влезот на Поликлиниката во скопска Железара го забележале возилото марка „киа“. Телото на докторот било внатре, а до него локва крв. 

-На 21.03.2024 во 23.09 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, во парк во близина на поранешна фабрика Железара, со убодни рани по телото бил пронајден А.Т.(67) од Скопје. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.

Јавен обвинител изврши увид, а сега ОЈО ќе ги прегледува снимките од безбедносните камери.

-Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција, како и наредба за прибирање и анализа на сите траги пронајдени на лице место и за обезбедување на снимки од видеонадзор. Се преземаат дејствија за расчистување на настанот, велат од ОЈО. 

Изутрината полициски службеници заедно со „пајак“ службите го отстранија возилото од паркингот на Поликлиниката.

Кој е Ацо Трпковски?

Скоро и да не постои човек од Железара и Автокоманда кој не го познава. Матичниот доктор работел околу 20 години во објектот на Поликлиниката Железара. За неколку месеци требало да оди во пензија, но не бил вработен во Поликлиниката. Под концесија држел амбуланта како матичен лекар и бил почитуван од пациентите. Неговите колеги велат дека  станува збор за врвен лекар со огромен стаж.

Матичните лекари најавуваат протест

Матичните лекари од понеделник по неколку часа ќе протестираат по убиството на нивниот колега во Железара. Здружението на приватни матични доктори во текот на денот ќе донесе конечна одлука за нивното делување од понеделник.

Извор: PRESS24

Коментари

Популарно