Кој го уби матичниот лекар Ацо Трповски? - Истрагата на МВР во напредна фаза

Се уште не се знае кој го уби матичниот лекар Ацо Трповски. Полицијата ги прегледала снимките од видеонадзорот на сите објекти околу паркингот каде 67 годишниот Трповски насилно го изгуби животот.

-Истрагата е во напредна фаза. Единицата за крвни деликти при СВР Скопје во содејство со ОЈО интензивно работат на расчистување на случајот, ни одговорија од МВР.

 Од обвинителството, пак, освен координацијата со полицијата го чекаат и наодот од обдукцијата.

-Денеска е погребан матичниот лекар Ацо Трповски. Трагите од крв кои се уште стојат на паркингот пред поликлиниката Железара, сведочат за ноќта во четвртокот кога лекарот е избоден до смрт.

Кои биле мотивите, дали убиството било планирано или не се одговорите кои треба да ги дадат надлежните институции. Девет пати бил избоден со нож а безживотното тело на Трповски го пронашле неговите синови, откако со часови не се вратил дома по завршување на смената.

Но она што е познато а што го коментираат и жители кои живеат во зградите над поликлиниката е дека местото на убиството не е многу осветлено и навечер не е безбедно за движење.

Од поликлиниката каде Трповски работел како матичен под концесија велат имаат обезбедување за објектот каде работат, но паркингот бил јавна површина и не е дел од нивната установа.

Во знак на револт , матичните лекари во понеделник од 12 до 16 часот нема да работат. Згрозени се од бруталното убиство на нивниот колега, бараат заштита и конечно да биде донесен Законот за доктори кој е во подготовка околу 15 години.

Коментари

Популарно