500 евра казна за Македонците со бугарски пасош

За Македонците со бугарски пасоши од Бугарија почнаа да стигаат казни високи и до илјада лева. Казнети се затоа што во мај лани гласале на европските избори во бугарските конзуларни претставништва, а немале право, пренесува „Телма“.

Најмногу постапки според бугарските медиуми се водат во пограничните градови Благоевград и Ќустендил каде што се домашните адреси на многу новопечени македонски Бугари. Во Благоевград се покренати постапки за 283 иматели на двојни пасоши, во Ќустендил за 250 двојни државјани.

Обвинителка од Благоевград за „Телма“ објаснува дека Македонците згрешиле по два закона. ­

Затоа што го искористиле гласачкото право иако немале право поради неисполнување на условот за живеалиште. Под тој услов за да се гласа на европските избори мора пред денот на одржувањето, непрекинато најмалку три месеци да имаат живеалиште односно престојувалиште во Бугарија или во земја членка на ЕУ.

Вториот престап е што тие самите пред избирачките одбори декларирале дека имаат избирачко право – изјави Весела Стоилова, обвинителка и портпарол на Обвинителството во Благоевград, Бугарија.

Казната за Македонците гласачи со бугарски пасоши во Ќустендил е илјада лева, односно 500 евра.

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно