(ВИДЕО) Во Белград уништена бомба од 500 килограми од Втората светска војна

Припадници на српската деминерска единица денеска изведоа контролирана експлозија на бомба заостаната од Втората светска војна, тешка 500 килограми.

Бомбата беше откриена на длабочина од 10 метри за време на градежните работи на проектот „Белград на вода“. Таа содржеше 250 килограми хемиски експлозив, поради што беше невозможно нејзино физичко дислоцирање.

Неутрализирањето на бомбата траеше десетина минути, а пред експлозијата како предупредување се огласија и сирените за воздушна опасност.

Властите уште претходно ги посоветуваа станарите на зградите кои се наоѓаа на растојание до 400 метри од местото на бомбата да ги спуштат ролетните, да ги затворат прозорците и да стојат подалеку од нив.

Српските медиуми објавија дека ефектите од експлозијата биле почувствувани во радиус од 500 метри од местото на кое се наоѓала бомбата.

Српскиот сезимолошки институт соопшти дека неговите четири мерни станици во околината на Белград при експлозијзата регистрирале потрес на земјиштето со просечен интензитет од 1,3 степени според Рихтеровата скала.

Српските власти информираа дека при експлозијата на бомбата не биле регистрирани никакви последици по животите и имотот на граѓаните.

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно