Во Крушево одбележан роденденот на Тоше, до јуни ќе биде готово спомен-обележјето на Гумење

Достоинствено, со повеќе настани, со почит пред Гумење, со роденденска торта и многу емоции, Крушево и фановите од земјава и странство денеска го одбележаа 25 јануари, роденденот на големата македонска и балканска музичка ѕвезда и хуманистот Тоше Проески.

Тортата од семејството на Тоше и онаа од фановите од Бугарија од изутрината им се делеа на посетителите на Гумење.

Арена Сидоркина, Москва, Русија вторпат доаѓа во Крушево само за Тоше, за неговата музика, ангелскиот глас и за чувствата што тој ги предизвикува.

– Многу го сакам Тоше, неговите песни, хуманитарните работи. Вторпат доаѓам во Крушево поради него. Дознав за него при посета на манастир во Црна Гора кога ги слушав попат песните на Тоше, вели Сидоркина.

Наташа Кондрашова од Русија, сега „крушевска снаа“ смета дека Тоше пред се, беше голем човек.

– Прво го чувствувам како човек, голем хуманист, со големо срце, а и голем музичар. Ова се моменти на огромни чувства, вели Кондрашова.

Оксана Данаилова од Благоевград, Бугарија вели дека не пропшушта да дојде на 25 јануари во Крушево за Тоше.

– За 25 јануари сум тука, во Крушево веќе петта година. И секогаш носиме торта за роденденот на Тоше. Традиционално, од фановите од Бугарија, една ја прави тортата. Годинава не можеше да дојде од Ќустендил. Тогаш, јас од Благоевград ја зедов тортата и дојдовме тука. И секогаш носиме торта за роденденот на Тоше. Македонија денес треба да има празник оти Тоше се родил и преку својата музика шири љубов не само на Балканот, затоа има фанови од Русија, од Бугарија, од другите земји. Денес ја слушнав мислата за Гоце Делчев кој го разбирал светот како културен натпревар. Тоа беше и идејата на Тоше за културно обединување и натпревар, вели Данаилова од Бугарија.

Крушевчанецот Јане Андрески, поранешен градоначалник на Крушево и добар познавач и близок на Тоше истакнува дека тој имаше посебна дарба да ги зближува и да ги сплотува луѓето.

-Тоше беше посветен на тоа што го работеше, на неговата поврзаност со Бога и со религиозните чувства. Но, мислам дека имаше посебна дарба – да ги поврзува луѓето. Тоа се случи на неговите концерти во Босна, во Сараево кога ги зближи луѓето кои претходно се гледаа преку нишанот, изјави Андрески.

Спомен куќата на Гумење беше средиште на сеќавање и повеќе настани: цртежи и лични творби за Тоше, уникатни изработки, преработки на неговите песни, традиционална крводарителска акција. Има и нов експонат, вели директорката на спомен-куќата Елена Мирчевска.

– Имаме многу настани и го одбележуваме овој ден достоинствено. Посветени се учениците од средното крушевско училиште „Наум Наумоски-Борче“ и од основното „Никола Карев“. Посебно е тоа што, според програмата од Министерството за култура, првпат ја изложивме облеката што Тоше ја носеше кога ја претставуваше Македонија на Евросонг 2004 година. Тоа е реплика. Инаку имаме околу 700 експонати и традиционално за роденденот на Тоше, ги обновуваме. А посетителите за овие осум години се преку 650.000 од кои 30 отсто од странство, посебно од балканските земји, а чести се посетителите од Русија, од Холандија, Чешка, Нов зеланд, Австралија, вели Мирчевска.

Конечно, по 12 години се гради спомен-обележјето. Од Владата се обезбедени 10 милиона денари, обележјето е симболично и треба да биде готово до јуни, нагласува претседателот на крушевскиот Совет Тома Петроски.

-Обележјето е симболично. Во основата е во форма на крст како симбол на Тошевата религиозна припадност и вербата во Бога. Инаку, однадвор впечатокот за обележјето е како две раце склопени во молитва. Споеред приликите, треба да биде готово до јуни, а може и порано, објаснува Петроски.

Извор: telma.com.mk

РКЕ одлучи: Нафтата и бензинот поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 % во однос на одлуката од 30.12.2024 година.

Малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,073 ден/кг и сега ќе 45,711 ден/кг. 

Од 9.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 78,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 80,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 45,711 (денари/килограм)

ДУИ со честитка за Божиќ, но и загриженост од недостигот на волја за соживот

Во духот на празничните денови, се воздржуваме од остра реторика, но не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности. 

Длабоко сме загрижени и разочарани од упорната омраза, од недостатокот на волја за соживот, од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците во овој наш заеднички дом. 

Оние што мислат дека ќе израснат рушејќи ги своите соседи, своите сограѓани, се во голема заблуда – никој не станал поголем со тоа што го омаловажувал другиот, напротив..  

Разочарани сме и од молкот на тие сограѓани што гледаат, а не реагираат. Ова не е прашање само за Албанците, ова е прашање за вредностите на оваа држава. 

Она што ние како Албанци го имаме за свето – нашиот јазик, нашето достоинство, нашето рамноправно учество во оваа земја – не може да биде постојана мета на агресија без последици по државата во целина. 

Во пресрет на Божиќните празници, на сите православни верници им посакуваме мир, хармонија и топлина во нивните домови. 

Вистинските вредности не се мерат со тоа колку ќе се намали другиот, туку со тоа колку можеме да растеме заедно, во почит и разбирање. 

Соживотот не е слабост, туку сила. Различностите не се пречка, туку богатство. 

На сите граѓани им посакуваме празници исполнети со добрина и надеж за подобро утре за сите нас.

ДУИ

Итната помош со зголемен број повици за сообраќајки и хронично болни лица

Во 2025 година, Скопје влегува со зголемен број сообраќајни несреќи и раст на повиците кон Итната медицинска помош. Како што попладнево изјавија за МИА од Итната медицинска помош во Скопје, најчесто повиците се за сообраќајни незгоди, како и хронично болни пациенти, чии јавувања се последица на временските промени и загадениот воздух во главниот град на државава.

Меѓу собраќајните незгоди има некои со потешки последици, па и со смртен исход.

Здравствени работници во изјава за МИА апелираат да не се вози под дејство на алкохол за време на претстојните празници,да се внимава при управување со возилата поради времето, особено во вечерните часови кога има услови за замрзнување на коловозот.

За претстојните божиќни празници, Итната помош ќе работи нон - стоп, а Единицата за домашна посета од седум до 21 часот.

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, во текот на божиќните празници на 6 и 7 јануари, ќе работи со следново работно време - Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од седум до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа.

Ординациите за здравствена заштита во трета смена, недели и празници, ќе работат континуирано во двата дена и тоа во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Бит Пазар“, „Чаир“, „Шуто Оризари“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и „Драчево“.

Популарно