Да му помогнеме на Зоран Василевски - Фаци

Познатиот македонски водител, Зоран Василевски, а македонската јавност го знае како Зоки Фаци, се бори со голем тумор на мочниот меур, но во изминатите три години поминал многу во борбата за неговото здравје. Пред три му бил дијагностициран агресивен вид на канцер кој бил во вид на израсток на ногата, по што му се направени две операции и бил подложен на хемотерапии.

Сега, откако неговиот пријател и колега Стефан Лазаров објави повик за донации за уште една операција која чини 15.000 евра, во изјава за Фокус, Зоки Фаци вели дека трогнат од сета поддршка која ја добива.

– Трогнат сум од сите пораки, од сите желби за добро здравје, од гестовите на сите оние кои несебично веднаш ми пружија поддршка и донираат за моето лекување. По две децении на шоу биз сцената, како новинар за кого често се кажуваше дека е контроверзен, ова кое денес се случува, мене ми е показател дека луѓето ме сакаат. Благодарен сум на таа љубов која ја добивам, многу ми значи во овие моменти – изјави Зоки Фаци за „Фокус“.

Вели дека операцијата на мочниот меур е итна и дека најверојатно ќе ја во приватна клиника кај нас или пак во Турција, каде што веќе правел испитувања.

Ако и вие сакате да донирате можете да го направите тоа на оваа сметка

Сметка за донации: 

210501595513764

Назив : Зоран Василевски

Или со картичка од дома на следниот ЛИНК

Собранието не го прифати Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри, во прво читање

Собранието во рамките на поладневниот дел од работата по дневниот ред од 14-тата седница ја заврши расправата за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри, во прво читање, предложен од пратениците од Европскиот фронт, и со 64 гласа „за“ и 13 „против“ заклучи дека не е прифатлив и оти не може да се даде на натамошно читање. Седницата продолжува утре во 12 часот.

Илире Даути од Европскиот фронт посочи дека во земјава има над 1.400 места каде што се игра комар.

-Токму затоа треба да помине Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри, рече Даути.

Нагласи дека тоа им го ветиле и на Здружението против комар од Тетово.

Елми Азири од истата коалиција посочи дека статистиките кажуваат дека во нашата држава за една година во коцкарниците има прилив од 800 милиони до една милијарда евра, што, како што рече, е речиси една четвртина од државниот буџет.

-Затоа нема причина да се одбие Предлог законот зашто со коцкањето се уништува иднината на децата и семејствата секојдневно имаат проблеми. Затоа ве повикувам да се тргнеме од нашата политичка матрица и да и дадеме предност на нашата совест, зашто сите сте свесни дека коцкарниците треба да се затворат, рече Азири.

Блерим Беџети, исто така, од Европскиот фронт истакна дека токму овој Предлог закон пред некое време беше повлечен од дневен ред на собраниска седница без почитување на процедурите.

-Има и игри на среќа на црно и треба и тие да се запрат зашто се зло за семејствата и за општеството, рече Беџети.

Овој Предлог на закон, како што истакна Сали Мурати од Европскиот фронт, има за цел да воведе построги ограничувања во игрите за среќа зашто либералниот пристап овозможува се повеќе млади да стануваат жртви на коцкањето и да бидат зависни од него.

-Зависноста од коцкање не влијае само на поединецот, туку на целото семејство. Финансиските загуби може да имаат долготрајни последици за децата и за сопружниците, рече Мурати.

Сали Сулејмани посочи дека коцкарниците во државата се на секој ќош што придонесува за зголемување на коцкањето, а тоа има длабоки последици за граѓаните бидејќи е „опасна болест која е раширена“. 

Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека се согласува дека треба да се затворат казината, но додаде дека ова законско решение нема да го поддржат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ зашто со него се сака да се заштитат криминалот и бизнис интересите на некои луѓе од ДУИ.

-Колку лиценци се издадени во последните седум години, праша Стојаноски.

Велите, рече, дека сакате да ги тргнете коцкарниците од училиштата, а во исто време направивте онлајн казина.

-Криминал има во овој бизнис со игри на среќа и многу брзо некој ќе биде повикан на одговорност, посочи Стојаноски и додаде дека Министерството за финансии подготвува закон за игри на среќа кој ќе биде системски и кој ќе биде донесен во инклузивна постапка.

Ќе има и есенска и пролетна кошничка, Владата ќе му излезе во пресрет на стопанството за Законот за нефер трговски практики

Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека се подготвува есенска кошничка со производи кои граѓаните највеќе ги употребуваат, но како што најави, ќе има и пролетна кошничка. Во однос на Законот за нефер трговски практики, пак, напомена дека Владата ќе му излезе во пресрет на стопанството доколку тоа побара одреден период за прилагодување.

Одговорајќи на новинарски прашања по работилницата за проширување на позитивната листа лекови, Мицкоски истакна дека полека, но сигурно цените се стабилизираа, а добар резултат е и стапката на инфлација која во август изнесуваше  2,2 отсто.

-Ќе имаме предновогодишна кошничка, есенска кошничка во која ќе има своевиден избор на производи што се најупотребувани во тој период од годината, ќе имаме пролетна, итн. Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, во зависност од тоа што најмногу се троши ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно на стандардот на граѓаните. Исклучително сум задоволен што стапката на инфлација во август на годишно ниво е 2,2 процента во однос на август минатата година што претставува навистина добар резултат, имајќи го предвид регионот и е меѓу првите во регионот, односно првите според ниска стапка на инфлација, би рекол и компетитивен во Европа и е понизок во рамки на еврозоната, што е добро. Значи, полека, но сигурно цените се стабилизираа и сакам да кажам дека во периодот што следи ќе продолжиме да се грижиме за стандардот на граѓаните, потенцира премиерот.

Тој се уште не ги добил, како што рече, писмата од коморите во однос на Законот за нефер трговски практики.

-Писмата, за жал, се уште ги немам добиено. Од она што можам да го добијам како информација од Стопанската комора е дека таму има, би рекол, своевидно разногласие меѓу трговските ланци, трговците и производителите. Инаку, Законот е тој. Доколку Стопанската комора побара официјално од нас како Влада недела, две, три, пет, колку им се потребни за усогласување, не гледам причина зошто тоа да не се случи. Ние работиме во интерес на бизнисот, интересот на економијата, во интересот на граѓаните и мислам дека тоа го правиме добро досега. Ќе видиме како ќе биде во иднина. Немаме намера да бидеме тврдоглави, ниту на сила да правиме некои работи. Доколку е потребно усогласување што се чекало со години, сега дополнителни две, три, четири недели не гледам причина зошто да не се случи, рече Мицкоски. 

Расчистен случајот „Долно Блаце“, дисциплинска постапка за шест полициски службеници

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР го расчисти случајот од 17.08.2024 на граничниот премин „Долно Блаце“ при обезбедување на делегација на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и по извршен увид во службените материјали, анализа на видео надзорот и извршени разговори со полициски службеници, поради сторена повреда на работниот ред и дисциплина утврдено во член 187 став 1 алинеја  10  од Законот за внатрешни работи, и член 210 став 1 алинеја  10  од Колективниот договор на МВР, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе бидат изготвени предлози за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници Н.Р., М.С., А.Б., Б.А, Н.Б. и Б.С..

ОВККИПС констатира дека, откако делегацијата, во која како носител се јавува претседателот на Собранието, ја поминува државната граница на граничниот премин Долно Блаце на лентата за Излез бр. 1, по неа поминуваат шест цивилни возила, кои во меѓу просторот на граничните премини се приклучуваат на делегацијата, без да се изврши контрола на патниците и возилата, а во одреден временски интервал сите ленти за излез од државата се затворени, при што во тој период од страна на Н.Б. (полициски службеник од обезбедувањето на претседателот на Собранието) и Б.А. (полициски службеник од ПС за ГП Долно Блаце), се извлекува возило кое е заглавено во лентата за Излез бр.3 и истото се насочува кон Излез бр.1 и возилото ја поминува граничната линија без да се изврши контрола на патниците и возилото.

Утврдено е дека Н.Б. наместо да врши непосредно физичко обезбедување на претседателот на Собранието, врши дејствија на граничниот премин кај кабините за излез и царинските кабини, со кои овозможува цивилни возила да се приклучат кон делегацијата, како и  да се даде приоритет цивилно возило да ја помине државната граница. Со наведените дејствија Н.Б. сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 и 4 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 и 4 од Колективниот договор на МВР. Исто така и Б.А. сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 и 4 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 и 4 од Колективниот договор на МВР.

Во однос на утврдување на неправилности во конкретниот настан, наместо да бидат преземени соодветни мерки од страна на главен инспектор М.С. во содејство со началникот на РЦ за ГР Север Н.Р., согласно дотогашните констатирани пропусти, не се преземени соодветни мерки туку е испратен акт со кој се задолжува командирот на ПС за ГП Долно Блаце да го доиспита целосно случајот и да преземе соодветни мерки. Со наведените дејствија М.С. сторила потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР. Исто така, Н.Р., началник на РЦ за ГР Север сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР. Согласно описот и пописот на работните места, началникот на РЦ за ГР покрај другото, раководи, планира, ја организира и контролира работата на Регионалниот центар.

 Патните исправи на претседателот на Собранието и членовите на неговото семејство, како и другите припадници на МВР кои требало да патуваат во странство, биле навремено доставени до раководителот на смена А.Б. заради соодветно евидентирање, но тоа не е сторено, односно лицата не се евидентирани. Согласно описот и пописот на работни места, меѓу другото, раководителот на смена во Регионален центар за гранични работи, ја организира работата на службите по време и место, ги одредува приоритетите во работењето, се грижи за вршењето на квалитетна пасошка и друг вид контрола, врши контрола во работењето на полициските службеници и дежурната служба во полициската станица и непосредно е одговорен за нивната работа, координира и учествува во извршувањето на мерките и задачите кои се однесуваат на оперативното работење. Во конкретниот случај А.Б. постапил спротивно на  чл. 8 (на граничниот премин, сите сервисни информации и секоја друга особено важна информација се регистрираат рачно или електронски во дневникот за настани)  с.2 (Информацијата од став 1 на овој член ги содржи следните податоци) т.2 (секое пропуштање во режимот на гранични проверки) од Правилникот за начинот на извршување на граничните проверки и граничен надзор со што сторил потешка повреда на работниот ред и дисциплина утврдена со член 187 став 1 алинеја 3 и 10 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3  и 10 од Колективниот договор на МВР.

За Б.С. е утврдено дека тој, како одговорен за обезбедување во планот за зајакнати мерки и активности од втор степен по повод делегација предводена од претседателот на Собранието,  согласно планот, кој тој го изготвил и од истиот има обврска да презема мерки, не е на работа и не бил предвиден да биде на работа за време на поминувањето на делегацијата, при што од самото тоа произлегува дека планот е изготвен површно и несовесно. Со наведените дејствија сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР.

Популарно