Адвокат е убиениот кај Мавровка - го ликвидирале пред неговата сопруга

Адвокат е жртвата на пукотницата на паркингот кај Мавровка, дознава и пренесува „Press24“.

Според неофицијални информации, ликвидацијата се случила пред очите на неговата сопруга. Адвокатот клекнал на колена, но сепак сторителот испукал еден куршум во неговата глава.

Извори на порталот неофицијално велат дека сторилите им се познати на службите. Полицијата веќе фатила еден, а по другиот сѐ уште се трага.

Убиството се случи околу 10 часот на паркингот кај Мавровка. На терен се полициски службеници кои го обезбедуваат просторот. Неофицијално, пукано било и врз полициски службеник по што почнала потера по сторителите.

Ова е втора пукотница во Скопје за помалку од 24 часа. Вчера вечерта во Сингелиќ пукано беше од возило во движење, а едно лице со повреди беше однесено во Клиничкиот центар. Засега не се знае дали има поврзаност меѓу двата случаи.

Се чекаат и МВР и Јавното обвинителство да излезат со детали за денешното убиство 

Питомци и офицери од Воената академија се затруле со храна?

Питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ со симптоми на мачнина и повраќање побарале лекарска помош на Инфективната клиника во Скопје. 

Директорот на Клиниката за инфективни болести Фадил Цана во изјава за МИА вели дека 10 лица побарале лекарска помош и сите имале лесни симптоми, освен едно лице кое е задржано на лекување, но е во добра здравствена состојба. Останатите по укажаната медицинска помош се вратени во Академијата.  

Информацијата ја потврдија и од Министерството за одбрана од каде соопштија дека вчера во раните утрински часови 20 питомци и двајца офицери на Центарот за обука на питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање.

- Најнапред тројца питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање по што итно биле пренесени на Инфективната клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде од страна на дежурниот доктор биле прегледани и двајца биле вратени назад во единица без конкретна дијагноза, а еден питомец е хоспитализиран и кој се очекува во текот на денешниот ден да биде вратен во единицата. Подоцна уште седумнаесет питомци и двајца офицери се пожалиле со истите симптоми, по што сите биле однесени на Инфективната клиника, каде биле третирани од страна на медицинскиот персонал и откако им била констатирана стабилна состојба биле пуштени назад во единицата, се вели во информацијата од Министерството за одбрана.

Од страна на Министерството за здравство е побарано Воено медицинскиот центар заедно со инспекторите од Центарот за јавно здравје и од Агенцијата за храна и ветерина да истражат на што се должи овој случај.

- Во текот на вчерашниот ден е направен вонреден хигиенски епидемиолошки надзор од страна на екипи од Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Агенцијата за храна во касарната „Гоце Делчев“ каде се наоѓа Воената академија, и од страна на Воено медицинскиот центар во касарната „Боро Менков“ во Куманово, каде исто така четири лица се пожалиле на стомачни тегоби, при што се земени контролни примероци за испитување. Целта на овие вонредни надзори е намалат или целосно да се отстранат сите ризици кои може да се одразат по здравјето на луѓето. По добиените резултати од испитувањата кои ги очекуваме во текот на денешниот ден, ќе се преземат натамошни чекори согласно препораките на надлежните институции, се вели во информацијата од Министерството за одбрана.

Денес ќе биде познато дали ќе се замрзнат цените или ќе се ограничат маржите

До денеска, според најавите од Министерството за економија и труд, треба да биде готова есенската потрошувачка кошница со 100 производи. Работната група, во која членуваат претставници од министерствата за економија, финансии и земјоделство, врз основа на направена симулација треба да донесе предлог - одлука дали ќе има замрзнување на цените или ќе се ограничат маржите од 5,10 и 15 проценти. 

Предлогот, како што вчера најави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, ќе биде доставен до Владата наредната недела.

- Утре на крајот на денот, работната група ќе извести дали ќе се одлучи за замрзнување на цените или ограничување на маржите на 5, 10 или 15 проценти, рече вчера Дурмиши во изјава за медиумите. 

Освен есенска, според најавите на надлежните, ќе има и зимска, велигденска, рамазанска кошничка....

- Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, во зависност од тоа што најмногу се троши, ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно на стандардот на граѓаните. Исклучително сум задоволен што стапката на инфлација во август на годишно ниво е 2,2 процента во однос на август минатата година што претставува навистина добар резултат, имајќи го предвид регионот и е меѓу првите во регионот, односно првите според ниска стапка на инфлација, би рекол и компетитивен во Европа и е понизок во рамки на еврозоната, што е добро, изјави во средата премиерот Христијан Мицкоски.

Стабилизирање на цените се очекува и со примената на Законот за нефер трговски практики кој треба да почне да се применува од 28 септември. Рабатот и дополнителните трошоци од листата на 2 548 тарифни броеви на земјоделски и прехранбени производи во трговија на мало и трговија на големо ќе бидат ограничени на 10 проценти.

Според министерот за економија и труд, Законот ќе стапи на сила до крајот на месецот, а фирмите имале период од шест месеци да ги усогласат цените.

Државниот завод за статистика измери дека во август инфлацијата бележи зголемување од 2,2 проценти на годишно ниво, а цените на мало се зголемени за три проценти. 

Во однос на јули, се бележи зголемување на трошоците на животот во делот храна и безалкохолни пијалаци за 1,2 проценти, рекреација и култура за 1,1 проценти, здравје за 0,8 проценти, ресторани и хотели за 0,7 проценти, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,6 проценти, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата, комуникации за 0,5 проценти и алкохолни пијалаци и тутун за 0,1 процент.

Во Франција осудени две жени за клевета бидејќи тврделе дека Брижит Макрон е транссексуалка

Судот во Париз две жени прогласи за виновни за клевета две жени кои интернет го споделувале тврдењето дека сопругата на францускиот претседател Брижит Макрон е трансродова жена.

Двете жени се осудени на парична казна од по 500 евра, чие плаќање е условно. Исто така, им беше наложено да и платат отштета од вкупно 8.000 евра на Брижит Макрон и 5.000 евра на нејзиниот брат Жан-Мишел Троњо, кои беа тужители во судскиот процес, кој почна во јуни минатата година.

Ова не е победа, туку нормална примена на законот, изјави адвокатот на Брижит, Жан Еноки.

За време на судското рочиште во јуни, адвокатот ја истакна „огромната“ штета предизвикана од оваа кампања со дезинформации, што стана позната низ светот. Тој додаде дека судски постапки се водат и во Франција и во странство.

Случајот се заснова на лажни вести што се појавуваа на социјалните мрежи по изборот на Емануел Макрон за претседател во 2017 година, во која се тврдеше дека Брижит Макрон (роденото Троњо) никогаш не постоела и дека нејзиниот брат Жан-Мишел го презел тој идентитет, по го сменил полот.

Двете жени одиграа клучна улога во промовирањето на приказната во 2021 година споделувајќи на интернет „интервјуто“ на Наташа Реј објавено на „ЈуТјуб“.

Популарно