СКАНДАЛ: Одбила да прими дете во болница бидејќи мајка му немала 70 денари

Огромен скандал го тресе здравствениот дом во Пеокупље, во близина на Ниш, откако за викендот, медицинска сестра одбила да прегледа дете поради тоа што неговата мајка не можела да собере ситни пари во износ од околу 150 српски динари или некаде околу 70 македонски денари.

Според информациите, мајката го однела своето 3 годишно дете на дежурен лекар бидејќи имало висока температура проследена со дијареја и повраќање.

Бидејќи претходно биле на гости, мајката не ја носела здравствената книшка, па во здравствениот дом и побарале да плати 357 динари (околу 180 денари) партиципација.

Мајката извадила банкнота од 1000 динари, но медицинската сестра која работела во картотеката одбила да ги прими парите оправдувајќи се дека нема ситно за да врати кусур. Мајката објаснила дека е недела и дека нема каде да ги раситни парите, при тоа нудејќи евра но и платежна картица.

Но сестрата ги одбила сите понуди на мајката. Тогаш таа и нејзината сестра успеале да соберат 200 динари ситни пари, но ниту тоа не било доволно за сестрата да ги прегледа детето.

Мајката морала болното дете да го врати дома. Случајот го пријавила кај надлежните а тие отвориле истрага. Медицинската сестра е суспендирана до завршувањето на истрагата.

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно