Иванов од Пробиштип: Приоритет - држава и економија кои создаваат нови работни места

Приоритет ќе ни бидат држава и економија кои создаваат нови работни места, им порача вечера на граѓаните на Пробиштип претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов.

ivanov-bitolaОсврнувајќи се на сработеното во изминатиот петгодишен мандат како претседател, Иванов рече дека повторно ја бара поддршката од граѓаните за да ги остварат програмските цели што го обединуваат општеството.

- Пред пет години дојдов со моја програма. Прв пат во историјата еден Претседател работеше по своја програма. Дадов отечет за она што го сработив. Се што беше во програмата се беше реализирано. Сега доаѓам со нова програма која се надоврзува на се она што досега беше направено.А беше направено многу, рече Иванов.

Најави дека ќе продолжи праксата на отвореност за сите добри идеи кои доаѓаат од народот.

- Неколку пати бев со вас затоа што сум човек од народот и ми личи да сум својот народ. Да бидам вашиот глас и да ги пренесувам сите ваши потреби и ставови. Се што беше ваш глас доаѓаше до мене. Мојот кабинет беше отворен. Во изминатите пет години во мојот кабинет дојдоа преку 5000 граѓани. Сите кои беа расположени да ми дадат некоја идеја, да ми пренесат порака, беа добредојдени. Тоа и ќе продолжи доколку ја добијам вашата поддршка, рече Иванов.

Говорејќи за напорите да се отворат нови работни места и да се подобри животот на граѓаните, Иванов посочи дека во услови на најголемата криза во Европа, во Македонија се отворени 120.000 работни места, а до крајот на година се очекува да се отворат уште 10.000.

- Но за да се постигне економски успех потребни се две нешта - посветена реформска работа дома и активна економска дипломатија и привлекување инвестиции од странство. На секоја моја посета во странство, одевме заедно со бизнисмените и со одреден министер. Работевме напорно и тимски за Македонија, да создадеме амбиент Македонија да биде привлечна дестинација за странски инвестиции, подвлече Иванов.

Тој се осврна и на изградбата на патната инфраструктура, а најави дека во следниот период планирана е и изградба на неколку мали хидроцентрали.

- Рударството е исцрпувачка работа. Сликата за рударот е дека е храбар, посветен и дека си ја сака професијата. Тоа нè инспирира и нас да работиме на конкретни цели и на конкретни резултати. Со конкретни проекти да го направиме животот во Пробиштип подобар. Вие го заслужувате тоа. И во следниот мандат, приоритет ќе ни бидат држава и економија кои создаваат нови работни места, нагласи претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Коментари

Популарно