Душа ширум отворена во епизодата: “Избирачко право или во превод- да се гласа или не?!”

08012013223756_izboriПред избори од секогаш ми бил тапа период. Едни се као многу зафатени по штабови состанчат, па ноќна смена им е лепење плакати. Други се рамнодушни и ништо не приметуваат, а трети (вакви ко мене) се најнесреќните, пошто не се ни со првите ни со вторите. Тие слушаат и приметуваат се, ама не се занесени и полни со љубов кон лидерот. Токму напротив, ним секој лидер им смета, особено кога ќе дојде у маало да ремети мир со јаки појачала и завршна реченица во стилот –“ Напред за Македонија, за подобро утре кое го заслужуваме!”. Ма, даааај...

Откако го добив и уставно загарантираното право на глас, секогаш се појавував на избори, заокружував нешто и си идев. Попатно ќе се направеше некој муабет со пописниците, пошто редовно има некој комшија кој јали партиски јали непартиски заталкал пред избирачкиот список да шкртка имиња и да прска со спрејчето за викенд-дневница. Не го сфаќав тој чин за толку посебен, не мислев дека нешто ќе сменам, не мислем ни дека тоа е нешто повеќе од само заокружување некоја бројка. А, баш деновиве кога веќе се заоштрува целата еуфорија за предвремениве парламентарни избори размислував колку е уствари добро вистински да се верува во нешто, во некој. Од една страна им завидувам на сите партиски активисти кои веруваат во својата партија, кои веруваат дека нивната политика е вистинската и кои силно аплаудираат, гласно скандираат и со воодушевување зборуваат за својот лидер.

А, пред неколку години во предвечерието на едни други избори, парламентарни, возејќи се во автобус го слушнав најсмешниот и највчудоневидувачкиот разговор ever! Се врќав дома од работа со 23ка и некаде на почеток на Лисиче се качија во автобусот две девојки. Седнаа баш позади мене. Едната и вика на другата: “Еј, абе се зачленив во партија. Братучед ми е долги години таму, па некако со него викам ај и јас”. Другата и одговара: “Што ти текна бе?”. Првата враќа: “Викаат сега ќе победеле на избориве, па да ме бутнат некаде на работа се надевам”. Втората: “Ааа... епа паметно ти е тоа. А, што им значи уствари кратенката?”. Првата: “Ммм...чекај како беше. Е, ич не ми текнува сега”. А, јас слушам и слушам и не знам дали да плачам или да се смеам. Неверојатно!!

Истата таа година, за истите избори ми се случи уште еден ваков инцидент со големи размери. Овој пат другата страна беше у главна улога, да не остане покуса. Муабетот се водеше пред партискиот штаб меѓу партиските активисти за време на пуш-пауза. Таа убава летна ноќ јас си уживав на тераса се додека не почна гласниот муабет. Почнува еден млад дечко: “Вчера ги испаглавме знамињата што ни требаат за митингот утре. Се е спремно, и плакатите се залепени, организирани се и автобусите”. Другиот вика: “Еј, ќути, цела ноќ сме лепеле плакати, душа ми излезе, ама важно завршивме. Вчера почнав и програмата да ја читам, ама многу долга е, некако”. Враќа првиов- “Ни јас не сум ја прочитал, само од ова на состаноци што кажуваат. Јака програма е тоа мора да победиме”. Се убацува трет и става точка- “Само лидерот треба да се слуша. Ваква програма никој не направил претходно”. Крај на муабетот!

Веројатно е убаво чувството да се бориш за тоа во што веруваш. Јас такви чувства гаам само кон моето тесно семејство и малкумината вистински пријатели. Нив безрезервно им верувам и за нив се би направила. Друг идол немам, ниту на земјата ниту на небото. Се прашувам само каков е тој порив што ги води да се борат, оние кои не знаат за што се борат?!

ФБ се полни со фотошопираните ликови на претседателските кандидати. Човек да помисли сите овие “јаки” фаци наеднаш му станале пријатели. Се редат и текстови, албуми од митинзи, предизборни ветувања..ехеее... Можам само да замислам како изгледа телевизиската понуда на платена политичка програма. На крајот ако си одлучил да гласаш мора нешто да заокружиш. Да пробаш да го најдеш најмалото зло и да се надеваш дека вистински си избрал. Дека на крајот нема да излезе дека тоа било само волкот во јагнешка кожа. До таму е стигната работата, зошто кај нас само изборите се предвремени, се друго доцни најмалку еден век.

Уставот вика дека секој граѓанин на Македонија со наполнети 18 години се стекнува со избирачко право. И јас која не сум моментално во Македонија можам да гласам. Си го поставив прашањето дали треба да гласам? Имам ли јас право да одлучувам за нечија туѓа иднина, за секојдневие кое не е мое?! Имам ли?!

Од едни до други избори,

Славица Савеска Кењереш

П.С. Се извинувам што не ве почастив со името на партиите споменати погоре. Си викам подобро вака, отколку после да се расправаат со мене кој е луд, а кој збунет, па јас на крај да морам да бидам ненормална.

Коментари

Популарно