Како да се заштитете од смртоносната бактерија Листерија?

Задолжително миење раце, овошје и зеленчук

За заштита од листерија и од останатите заразни заболувања кои ги предизвикуваат микроорганизми што се размножуваат во храната на висока температура или при несоодветни услови на чување, здравствените власти препорачуваат:

bacteria[1](1)

-Темелно миење на рацете пред подготовка и пред јадење на храната. Почесто миење на рацете за време на подготовка на храната.

-Храната да се користи веднаш по подготвувањето. Ако не се употреби веднаш, да се чува во фрижидер на температура од 2 до 8 Целзиусови степени. При повторна употреба да се загрее на температура над 70 Целзиусови степени.

-Да не се јаде сурова или недоволно термички преработена храна, особено месо и преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца.

-Суровата и подготвената храна да се чуваат во фрижидер одделно, во посебни заштитени садови, со што ќе се избегне можност за загадување на веќе подготвената храна.

-Не оставајте подготвена храна на собна температура подолго од еден час туку ставете ја во фрижидер веднаш по користењето каде што е препорачливо да се чува максимум три дена и јадењето да не се подгрева повеќе од еднаш.

-Свежиот зеленчук, овошјето и салатите потребно е темелно да се измијат под силен млаз вода пред јадење, сечкање или готвење.

-Избегнувајте лесно расиплива храна, како што се мајонези, кремови, сладолед од свежи и од термички необработени јајца.

-Да се пие безбедна вода, а ако не сте сигурни за нејзиниот квалитет, пред употреба задолжително да се преврие.

Бремените жени, децата и хронично болните да не јадат по ресторани

Бремените жени, лицата со хронични болести, лицата со намален имунитет, лицата над 65 години и малите деца треба да внимаваат каква храна јадат во лето.

-Да јадат свежо приготвена храна во домашни услови.

-Да избегнуваат непастеризирано млеко и млечни производи од непастеризирано млеко, како што се меки сирења и крем-сирења за мачкање.

-Да не јадат паштети, сувомесни производи, чадена риба и други чадени и термички необработени месни производи.

-Да не јадат претходно подготвени овошни и салати од зеленчук, кои не се термички обработени.

-Да не јадат сладолед, мајонез и кремови подготвени од свежи или од недоволно термички обработени јајца.

Бактеријата се размножува и во фрижидер

Бактеријата листерија ја има насекаде во природата и во почвата и таа лесно може да се намножи и во овошјето и во зеленчукот. Ако човекот несоодветно ги измие или ги јаде, може да се зарази од бактеријата.

"Во САД, листеријата првично е откриена во дињата. Ова овошје има рапава површина и дури и убаво да се измие пред да се сече, може да остане од бактеријата. При сечење, дел од бактеријата може да се пикне внатре во делот што се јаде. Такво парче ставено во фрижидер на температура од четири степени не е заштитено од размножување на бактеријата. За разлика од другите бактерии кои не се размножуваат во храната во фрижидер, оваа бактерија се размножува и во фрижидер, па храната може да биде екстремно загадена со нејзини колонии", вели проф. д-р Звонко Миленковиќ, директор на Инфективна клиника.

Таква храна со големо количество бактерии може веднаш да предизвика појава на болеста кај лицата од ризичните групи.

"Затоа велиме дека старите и хронично болните имаат четири пати повеќе шанси да се разболат од здравите лица, а ризикот кај бремените жени е 10-кратно зголемен. Оваа болест е опасна кај бремените жени, кои може да минат со лесна клиничка слика, но последиците врз плодот да бидат или со спонтан абортус, со предвремено раѓање или мртвородени", вели д-р Миленковиќ за Вест.

Коментари

Популарно