Кога ќе ги снема турските серии од Тв?

Негде прочитав дека вакво лето Македонија не видела од 1953 година, но ова го прочитав во Јули, а сега е Септември, па можно е дождовиве да ја надминаа и „славната“ 53та. Како и да е, летово им се погоди на оние кои не трпат жешко. Еве и сега врне и воопшто не е топло. Искрено и јас не сакам жешко време, но и дождот има маана. Нема шетање, барем не на отворено, а седење у кафиќ или кафана на дожд и не е некој филм. Башка сообраќајот што и онака е ужасен, по две капки дожд го претвара Скопје у Банкок од филм со Ван Дам од 80 тите( ониe кои гледале знаат). Значи кога надвор врне, средства за разонода се компјутерот или телевизорот, а за да ги користиш нив како што треба, е потребно ниво на вештина кое повеќето од Македонците очигледно не го развиле.

savas-645x385

Не, немам ја намера да ве вреѓам, чисто констатирам факти. Секојдневно слушам поплаки за турски серии по ТВ и глупости по македонските портали. Секој за се нешто плаче или кука. Као ја да ви го земав даљинското или маусот. Дај бе луѓе, малку самосвест и одговорност. Место да кукате, одвојте 5 минути и размислете. Ама не, Македонците не се славни по мислење (Црешово топче – озбилно? Баш од цреша?), туку по кукање. Епа еве ќе ви олеснам, не мора да мислите, само читајте.

Секој медиум за да постои мора да работи профитабилно. Не да ве едуцира или научи на нешто ново и корисно, туку да профитира. Освен МРТВ, сите останати медиуми во Македонија својот леб го вадат од реклами. Од друга страна, за да некој се рекламира кај нив, медиумите мора да покажат рејтинг на гледаност (читаност). Колку се погледани, толку повеќе ќе продаваат простор за реклами. Или поедноставено, медиумите зависат од гледаност! Нема гледаност, нема реклами, нема пари! Значи приоритет на секој медиум е да биде гледан (читан). Вие да ги гледате или читате! Тие се зависни од вас!

Ако се зависни од вас и вашата гледаност (читаност) зошто тогаш толку турски и индиски серии? Затоа што ги гледате! Да, да луѓе ги гледате. Рејтинзите не лажат, уредниците на телевизиите не се глупави, тие точно знаат што сакате да гледате и ви го сервираат.Од време на време се обидуваат да внесат некоја новина и отстапуваат малку време и оценуваат дали е добра или не, како на пример Тв Сител и светски познатите серии “Prison break”, “Heroes” итн. Ама овие серии не поминаа кај нас, па од телевизијата се вратија на ефтините турски серии. Зошто некој да троши огромни пари на светски блокбастери, кога не се гледани ниту профитабилни, а има ефтина машина за пари во турската и индиска продукција? За да не кукате? Овде добро легнува една фраза од „Ми нисмо анџели“ : Па нисам ти ја мајка Никола!

Значи во една реченица, македонските телевизии и портали ви го сервираат она што вие го барате, иако вие тврдите дека тоа не е така. Нај пример за тоа е господинот Драган Вучиќ и сите негови Тв проекти. Човекот е мозок! Тој точно знае каде живее и што македонската публика сака. Се сеќавам пред повеќе од 5 години Драган доби награда на „бубамара“ за најгледана емисија таа година (вашите 5 минути) и кога искочи да ја земе публиката го свиреше, како он да е крив што македонците тоа гледаат. Вучиќ тогаш ја кажа правата реченица: Свирете ме вие, ама мајка ви и татко ви гледаат Драган Вучиќ. Тоа е реалноста драги мои и Драган ја знае уште од 90-тите. Кога рејтингот на неговата емисија почна да паѓа, тој си смисли нова и нова и нова... Ако еден ден публиката, односно вие решите дека нема да ги гледате неговите емисии, истите ќе ги снема од ТВ, а Драган ќе си најде нов бизнис, може ќе се врати на музика.

Истото важи и за турските серии и за статиите на македонските портали. Ако не ги гледате и читате, нема да постојат. Вие сте тие кои одлучуваат кој медиум ќе го гледате или читате и кои содржини ќе бидат популарни, а кои не. Кукањето нема да ви помогне за ништо во животот, па ни за ова. Земете даљинското, маусот во раце и сменете канал или портал.

Поздрав, Пацифист

Коментари

Популарно