Дневен хороскоп

ОВЕН

Трите аспекти на кои денес ја потпирам дневнава прогноза се прилично лоши, а кај вас, за вашиот знак се однесуваат на деловниот живот, на професионалните ангажмани, работата воопшто, но во прашање може да дојдат и статусот угледот, честа и слично. Оттаму реакциите на вознемирувањата, односно односи и ситуации кои ќе предизвикаат такво нешто на посочените теми, можат да бидат силни, емотивни, со голема возбуда, можни се скандали во одделни случаи, фрустрираност. Ви советувам голем такт и воздржување за да немате последици.

БИК

Денес нема да ви одат работите, а умните од вашиот знак и ќе остават да не одат, ќе почекаат некој подобар ден, нема да се фрустрираат, да се вознемируваат ниту да се арчат без потреба, во смисла најпрво на енергија, а можни се и некакви материјални трошоци или компензација на фрустрираноста, денес, едноставно, некои нешта не одат, за вашиот знак тоа се остварувања на ваши барања по институциите, високошколските установи, државната администрација, странство, односи со странци, некакви големи бизниси или трговија, па дури советувам и да не се тргнува на пат денес.

БЛИЗНАЦИ

Денес не ја бива работата со аспектите за некого во зодијачкиов циркус, па ниту за вашиот знак. Поддршка, можеби и ветена, нема да има, лоши се аспектите и за трансакции, манипулации или управување со туѓи финансии, туѓи пари, внимавајте ако се тоа некакви трошоци со домашниот буџет, кој повеќе го полни партнерот, еве ви добар повод за фрустрираност од приговорите, што ќе продуцира активирање на комплекси и да не расправам што следи. Со роднините на партнерот не отворајте муабети за некакви наследства, земања - давања, и тоа е добар повод за расправија.

РАК

Она што можам да го советувам за вашиот знак е да останете мирни и спокојни, без противење во сите области во кои учествувате со партнерот, бидејќи денес аспектите се лоши, а вашето внимание е насочено кон партнерот, но и кон некакви јавни дејности, работа, јавни објекти и локалитети. Од друга страна, партнерот може да биде вознемирен поради лични случувања, комплекси и фрустрации, а вашата грижа и обиди да му помогнете или за разговор да ја смета како мешање, љубопитност и слично.

ЛАВ

Денес три дневни аспекти на небото со тешки планети. Внимавајте на здравјето, свое или на некоја постара личност, а вниманието е во смисла на повеќе нега и трпение, за другото зависи од личноста, нејзините концепции за животот, ама и ваши, ако е во прашање вашето здравје. Секоја кивавица или лигавење не е болест туку само обид на телото да ги исфрли отровите. Не посегнувајте веднаш по хемии.

ДЕВИЦА

Тешко денес ќе оди со чувствата кон другите, малку повеќе ќе калкулирате со нив и, воопшто, калкулациите ќе бидат доминантни денес, како и шпекулациите, иако вие тоа нема да го признаете, но децата ќе го препознаат, па можат и да ви го кажат, ако имате и за тоа уво да ги слушнете, ама вистински. Всушност, ќе бидете насочени кон забава и некакви лични задоволства и ќефови, па иако непогрешливо знаете дека се однесувате егоистички по тоа прашање, ќе сакате сето да си го претставите на поинаков начин.

ВАГА

Веројатноста, според аспектите, е дека денес некој ќе биде исклучително упорен во вашиот дом, речиси во обид за диктатура, што, секако, ќе предизвика не мала емотивна возбуда, па и импулсивни реакции од ваша страна. Нема да помислите дека тоа ви е ука како другите се чувствуваат кога вие така настапувате, а тоа што мислите дека го правите со такт и љубезност, е приказна за дискусија. Дури попладне нешто повеќе свест и разбирање, па можни се и мирољубиви разговори.

СКОРПИЈА

Можеби навистина голема тврдоглавост и настојчивост, речиси фанатичност ќе манифестира некој ваш близок, брат, сестра, некој друг со таков близок статус, што се можни импулсивни изблици, испровоцирани од лични комплекси и фрустрации, голем немир, вознемиреност и трошок на енергија, која не можете да ја компензирате. Ако е навистина некој близок во прашање, како миротворец може да се јави еден од вашите родители, но повеќе како застапник на другата страна отколку ваш.

СТРЕЛЕЦ

Четвртоков не може да се пофали дека носи некои саглам аспекти, уште од утрината се можни некакви возбуди поради пари или поради погрешни проценки и толкувања, па следи некаква тесноградост и вознемирувања поради некого кон кого имате чувства, можеби деца, на пример, а некакво стабилизирање е можно дури некаде пред 18 часот, кога ќе можете да воспоставите самоконтрола или да донесете некакво решение во мир и осамувајќи се, за да компензирате од утрешната енергија претпладнето.

ЈАРЕЦ

Исклучително емотивни денес, чувствителни, речиси и лошо протолкуван поглед може да ве навреди, па затоа уште од изутрината може да сте подложни на емотивни реакции, кои се резултат не толку на вистински вознемирувања туку поради тоа што така ги толкувате, а учество земаат и ваши фрустрации и комплекси, па оттаму закатанченост во некои ставови и инаети, емотивна вознемиреност, за женскиот дел дури може да дојде до лошење, што е алармантен знак за губење енергија. Попладне смирување, рековалесценција.

ВОДОЛИЈА

Од трите дневни аспекти, сите се прилично големи, а посебно оној на Уран, кој може да предизвика некаква силна упорност, тесноградост, тврдоглавост и фанатична упорност, и тоа доста прикриена со други мотиви и интереси. Сакам да речам дека нема да ги искажете вистинските мотиви за своето однесување, посебно во односите со најблиските. Второ, ве молам да внимавате повеќе на сообраќајот бидејќи никакви емотивни возбуди отпосле нема да можат да компензираат ништо ако нешто се случи во таа смисла.

РИБИ

Денес социјалниот живот или односи можат да бидат доста проблематични, може да се судрите со неверојатна тесноградост на, наводни, пријатели и познајници, па дури да одите и дотаму емотивно да се возбудите, да реагирате импулсивно, да трошите енергија на нешто што, во основа, не може да се докаже, нереално, во некакви објаснувања во кои секој си ја застапува својата позиција, без отстапки и толеранција. Дури попладнето, некој поискусен и помудар ќе ви даде поткрепа и за право што, секако, ќе ја смири вашата возбуда.

Коментари

Популарно