Mакедонија - државата која остана без народ!

Верувале во судбина или не, факт е дека никој од нас не одбира каде и кога да се роди. За ова одлучува некој друг. Родителите или барем мајката, судбината, Бог... ама секако не ние. Ако сами биравме каде и кога да се појавиме на светов, приказната ќе беше многу различна. Сите ќе бевме принцови и принцези, самураи и гејши, синови и ќерки на Бил Гејтс, другари на Александар Македонски, колеги на Тито... но ретко, ако воопшто некој ќе избереше да се роди или живее во пост Титова Југославија или самостојна Македонија. Не дека овие другиве димензии немаат маани, на пример во пола од споменатите нема купатило и струја, но нашава сегашна димензија е премногу сива и монотона. Не дека нема предизвици и место за херои, но некако ја изгубивме мотивација за подвизи, па се се сведе на научено, навикнато постоење и делување. macedonia-iso-standards Како се предадовме на оваа реалност не знам, мал бев не ми кажуваа, но едно е сигурно, ако имавме избор каде да се родиме, државичкава би била поретко населена од Гренланд. Ако воопшто некој се прашува зошто, не треба да одам многу далеку за да му го дадам одговорот. Всушност доволен е само денешниот ден. Не знам како и кога на вас ви започнува денот, но мојот ритуал е „утринско“ кафе некаде попладне и листање на македонските и по некој светски портал. И денес беше така,и денес како и речиси секогаш еден куп сиви информации.

1. Во Македонија делува гарда на Илирида и никој тоа не го сфаќа сериозно! И не само тоа, по коментарите на читателите може да се види дека тие се лути зошто воопшто се пишува за тоа!

2. Уште еден судир на Албанци и Македонци во автобус на ЈСП! Според читателите и за овој настан не требало да се пишува, бидејќи ги разгорувало меѓуетничките тензии!? Јас па мислев дека тепачката ги разгорува, а не пишувањето за истата, ама што знам па ја.

3. РК Металург е во штрајк. Не се сакаат играчите и тренерот. Не биле проблем парите, туку визијата на Червар кој е многу себичен! Пред неколку недели пишував токму за Металург и тогаш коментарите беа дека не требало да критикувам, туку да ги оставам на раат!

4. СДСМ официјално не се враќа во Парламентот, но пратениците од опозицијата ќе земаат плата. Оваа изјава ГОРДО ја даде лидерот на најголемата партија во опозиција. Не знам јас на што се должи неговата гордост и дали воопшто има стратегија. Ако ја има, за мене е многу неразбирлива, тајна и да бидам искрен погубна. Погубна за опозицијата, но и за Македонија.

5.  И токму кога помислив дека конечно наидов на нешто позитивно, дека Скопје го доби назад градското кошаркарско дерби. Токму кога се израдував на повторно силен Рабонички и бев спремен да заборавам како го избркаа најдобриот македонски кошаркаски стратег од селекторската функција, а истот тој и денеска покажа како се игра одбрана, токму кога и МЗТ заига кошарка....повторно сивило. Искрено не ме ни интересира кој е виновен за прекинот на мечот, знам само дека јас сум спречен барем малку да уживам оваа среда.

Можам да набројува уште. Има секогаш барем уште некоја ваква сива вест. Можев да одберам една од нив и наместо вака општ тескт да се фокусирам на таа тема, но кој ќе биде исходот? Некои од вас би се сложиле со мене, некои не, но никој нишо не би превземал. Јас немам ниту функција, ниту моќ, а на крај ни желба да влијаам врз оние кои можат да ја променат ситуацијава. Јасно е дека ним не им е грижа. Затоа ви пишувам на вас. Вас кој судбината ве прати токму тука на ова мало парче земја каде што штркот ме остави и мене. Помина времето кога херојот сам можеше да ја смени реалноста. Сега е време за маса од херои. Време за групна свест и градење на морален систем. Систем кој ќе ги наградува позитивните примери (кога ќе се појават) и осудува негативните. Без тој систем, без заедничко делување и борба се е напразно.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно