Колку сиромашни луѓе живеат во Македонија?

Деновиве македонските медиуми се преполни со текстови и прилози за афери со пасоши, кондоми со ликот на Премиерот, дали СДСМ ќе се врати во парламентот, денот на дрвото... Не дека овие теми се наважни, но една болна тема за сите нас кои живееме во Македонија помина речиси незабележано. Тема која го мачи поголемиот дел од населението во Македонија, без разлика на национална, верска, возрасна група, сите ние чекаме подобро економско утре. Но, тоа утре никако да дојде.

siromastija_0 (1)

Пред неолку дена Државниот завод за статистика го обајви соопштениието за сиромаштија во Македонија за 2012 година. Според истиот, стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесува 26.2%. Процентот е за малку намален од претходната 2011 година и тоа е секако за пофалба, но најстрашното не е што секој 4 жител на Македонија е сиромашен, туку што бројката од 26,2% е нереална. Не дека некој ја фалсификувал, туку методот на утврдување на сиромаштија е страшно погрешен.

Како сиромашни се сметаат лица, семејства и групи на лица чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат”.

Дефиницијата како дефиниција е во ред, но што токму значи „минимално прифатлив начин на живеење“? Според информациите кои ги објави еден македонски медиум тоа изгледа вака. За сиромашно 4 члено семејство се смета секое семејтсво од 4 члена коа има годишни приходи помали од 2295 евра. Додека за сиромашен поединец се смета личност која нема повеќе од 1093 евра годишни примања. Значи според оваа дефиниција ако едно семејство со две деца има примања од 2300 евра годишно, или нешто помалку од 200 евра месечно, тие не живеат во сиромаштија?! Па добро кој ја направи оваа дефиниција? Кој го постави овој метод? Каде живее тој човек? 200 евра месечно не покриваат само сметки и храна! Каде е гардеробата или не дај боже кирија? Како ќе се греат тие луѓе зимово?

Не треба многу да се објаснува за да се сфати дека бројката од 26,2% е многу погрешна и нереална. Тоа го докажува и соопштението на државниот завод за статистика во кој пишува дека 27% од луѓето немаат доволно средства да си овозможат затоплување на своите домови, што значи дека дел и од оние не-сиромашните сепак се сиромашни. Бројката на сиромашни во Македонија засега ќе остане непозната, но еден друг момент станува факт. Во Македонија веќе нема средна класа. Доказот за тоа лежи во споредба на овој извештај со оној за просечната плата. Ако имаме повеќе 26,2% сиомашни луѓе, а просечната плата во Македонија е над 20.000 денари, како стигаме до тој просек? Ако секој четврт жител на Македонија живее со помалку од 50 евра месечно, како просекот е над 300 евра? Одговорот е много јасен. Во Македонија има барем 26,2% кои земаат доволно високи плати за да ги покријат сиромашните при математиката за просечна плата на државно ниво. Математиката е едноставна, но ситуацијата воопшто не е. Секоја држава се потпира на средната класа и ја баззира својата економска стабилност во иднина такму на тие луѓе. Елитата и сиромашните не можат да бидат носители на една економски здрава држава. Ако на сево ова се додаде и податокот дека во сиромашните најголем процент се најмладите, а најдобра е позицијата на пензионерите (22% пензионерите и 31% од младите се во таа група) подоброто економско утре е само фикција.

За да овој мој текст не биде политички обоен, а со тоа и девалвиран, ќе морам да додам дека за оваа ситуација не е виновна само сегашната власт. Проблемот е многу постар, всушност по сите извештаи ситуција секоја година се подобрува, но темпото загрижува. Сиромаштија како болест се рашири во 90сетите години низ Македонија и сеуште ни задава сериозни проблеми. На крајот и не е важно кој е крив, кој прв почна и дали порано беше подобро или полошо. Во Македонија има родители кои немаат пари да им купат леб на дечињата. Има деца кои спијат во студени соби со празни стомаци. Млади луѓе кои не знаат дали утре воопшто ќе дојде. Сонот за подобрата иднина оддамна се претвори во кошмар, а ние се занимавама со афери за пасоши и навредливи кондоми.

Господа, вие решивте да ја водите државата затоа ве молам да престанете да се препукувате и навредувате. Престанете да бегате од парламентото и одговорноста која вие ја побаравте. Никој не бара и не очекува чудо, само заеднички труд и многу работа, без разлика на која политичка партија и припаѓате.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно