48 часа кои ќе решат дали Македонија ќе постои!

Планот беше денеска да ги гледам вардарки како играат полуфинале на фајнал фор, а потоа да уживам во победа на Манчестер Јунајтед над Кристал Палас што со 90% би значела Лига на Шампиони догодина, но некој некаде имал друг план за мојата сабота. Не дека не гледав ракомет (и не морав) или фудбал, ама мислите ми беа во Куманово. Вардар загуби, а Јунајтед победи, но мене ич не ми е гајле. Денеска друга битка беше многу поважна. Битката за Македонија!

Kumanovo-teroristi-4-520x347

Точно така, момците кои  застанаа на линијата на огнот, специјалците на МВР кои влегоа во огин во Куманово, не спречија само тероризам, туку ни ја спасија државата. Овие храбри Македонци се вистински херои!

Во последниве 15тина години на Балканов имаше две војни. Во Косово и во Македонија. И во двете војни земјата „домаќин“ изгуби многу. Србија изгуби територија која претходно и беше загарантирано дека нема да ја изгуби, додека Македонија менуваше устав со што од државотворен народ Македонците  станаа етничка група во своја држава. И двете војни беа подржани и испровоцирани од надвор и во двете војни тој некој освен што ја предизвика војаната, го реши и нејзинт исход. Значи и во двата случаја противникот не беа Албанците, туку некој сосем друг. Така е и овој пат. Денеска тоа многу убаво се виде. Ниту еден Албанец не застана на страна на терористите во Куманово. Иако наводно ОНА ја прифати одговорноста за нападот, јасно е дека некој друг, а не Албанците го креира терористичкиот напад во Македонија. Ова е толку јасно и очигледно, што е секој може да го види, но ние во Македонија сме посебни.

Се изначитав денеска текстови, коментари, прашања на новинари, во кои се тврди ,обвинува, манипулира дека виновници и организатори се политичките партии во Македонија. Не можам да ви доловам  колку не ми се зборува на темата и колку не сакам да ви објаснувам дека зад ова не стојат СДСМ ниту ВМРО! Не можам да ви доловам колку се бедни сите тие коментари дека Груевски или Заев стојат зад терористите. Но, пред се, не можам да ви доловам колку сето тоа е за секаква осуда. Колку во тие моменти ми е срам што сум Македонец! Па како е можно во момент кога постои шанса да ја загубиме државата, некој да размислува и да провоцира поделби со обвинувања за кои нема никакви аргументи? Во момент кога гинат македонски синови, оние најхрабрите, да се шпекулира, измислува, намерно да се дели народот! Без разлика од кој табор сте, без разлика кој ви го испрал мозокот, сега не е моментот!!! АЛО МАКЕДОНИЈА Е ПОД НАПАД!!!! Зарем не разбирате бе луѓе? Не се врти светот околу ВМРО или СДСМ! Мене, а и на добар дел од државава не ни е гајле од кој штаб сте! Заќутете барем на ден два! Барем сега кога гинат луѓе за ова парче земја.

Двете последни војни на Балканот имаа уште една заедничка работа. И во давата наврата земјата домаќин, нападнатата страна имаше околу 48 часа да го порази и замолкне противникот. 48 часа да ја има под контрола ситуацијата на терен. И во двата случаи тоа не се случи, па се вмешаа меѓународните „спасувачи и олеснувачи“ и ги олеснија нападнатите. И овој пат не е различно. И овој пат имаме 48 часа да ја одбраниме и заштитиме државата. Ако не ни успее... Во 2001 години менувавме устав, сега ќе менуваме нешто друго. Име, граници.... ќе одберат оние кои ќе не смируваат, ако утре немаме контрола над целата територија и ситуација.

Затоа оние момци кои денеска гинеа и војуваа се нашите нови херои. Затоа пред да почнете да коментирате и повикувате на поделби размислете! Припадниците на македонската полиција не гинат за СДСМ или ВМРО, туку за мене и тебе, за сите нас. За ова мало парче земја, кое за нив е сеуште свето, па заслужува да го дадат и животот. Ако вас не ви е свето, ако вас партијата ви е поважна, ако вашиот главен непријател е вашиот комшија, ПАКУЈТЕ СЕ И ДА ВЕ НЕМА!!!! Моежеме и сакаме без вас!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно