Душа ширум отворена во епизодата “Враќање дома”

Пакување поклони во куфер и последна проверка на авионски карти и пасоши...овој пат два пасоши сместувам во проѕирната папка. Неполни 8 дооооолги месеци го чекав тој момент..на сите “мои” да им го покажам моето сонце и најголема среќа. Сместувам во големата ташна шишенце со вода, омилените играчки и омилената книга и подготвени сме. Патот поминува брзо, и оп жежок бран ни посакува добредојде во Скопје. Стигнавме.

73021_10151145757136994_1549765757_n

Мојата најмила е целосно шокирана. Се впикува во мене и почнува загрижено да плаче после секој нов лик кој се менува пред нејзе. А, сите сакаат да ја видат, да ја поиграат, да поуживаат со неа. Не е дома, домата што таа ја знае не изгледа вака. Не и прави никаква разлика што тоа е дома на нејзината мајка... или беше дома. Првите денови е така, после се опушта по малку. Им се насмевнува на братучедите, си игра со тетките, се шетка со баба и дедо.

Братучедите се вртат најмногу околу неа. И прават муабет, ја гушкаат, бацуваат, си играат со неа. Поголемите знаат дека нема уште долго да останеме во Скопје. Најмалите не сфаќаат дека ќе си одиме, ама сепак дури и на незнаење, го користат секој миг да бидат во нејзино присуство.

“Тето ти имаш кола?”- ме прашува 4годишниот внук. “Немам тета.”- му одговарам. “Имаш само авион?”- следува дополнително прашање. Се смеам на глас, го гушкам и бацнувам, додека ја сфаќам едноставната детска логика дека ако тој секогаш доаѓа со кола кај баба на гости, а јас доаѓам со авион, тогаш мора авионот да е мој. As simple as that!

Деновите пролетуваат како низ магла и веќе се пакуваме за назад. Вечерта пред тргање се поздравуваме со сите. Му велам на 4годишниот внук- “Тета ќе си оди утре. Ќе ми се јавиш ти на скајп?”. “Да”- одговара брзо. “А, сакаш ти да дојдеш кај мене на гости?” Се двоуми и не одговара ништо. “Ќе одиме со мојот авион.”- дополнувам. “Да, ќе дојдам.”- одговара експресно брзо и за кратко се надоврзува. “Ама да ме вратиш.” Ех, злато теткино, уште не дојден сака да се осигура дека ќе се врати. Сака да шета, ама и да се врати дома после шетњата, зошто дома си е дома.

И мене таму ми беше дома. И јас сакав да се вратам во мојата дома, дури и по најдобрите и најнезаборавни летни одмори, после патувања, екскурзии. И јас си велев на крајот-Ми се оди дома.

Се разбудивме рано и пат пред нога. Добро е сега барем има директен лет, па не мораме да се малтретираме со саати. Другарка ми ме прашува на фејсбук како патувавме. “Поминавме супер по пат”- одговарам. “Какво е чувството?”- следува подпрашање. “Одлично”- одговарам. “Како своја на своето.”

После точно 8саати, лет комбиниран со автобус, пристигнуваме ние двете во Осло. Ја спуштам торбицата и куферот, ја седнувам неа на под и се напивам вода. Таа само ме погледнува и широко се насмевнува. Четири бели бисерни запчиња заблеснуваат на дневната светлина. Некако ми се гледа поинаква, поопуштена. После неколку саати доаѓа и татко и од работа. Ме гушка и шепнува со олеснување- “Ох, се вративте.” “Да, се вративме.”- одговарам. “Дома сме!”

Од новата до поранешната дома,

Славица Савеска-Кењереш

Коментари

Популарно