Веспрем се плаши од Вардар: Скопјани се еден од најдобрите тимови во Европа

Пред утрешното(18 часот) големо дерби во СЕХА меѓу европските гиганти Вардар и Веспрем, унгарскиот шампион со пофални зборови за црвеноцрните од Скопје.

MG_0851-615x400

Веспрем на шест средби во СЕХА има шест победи, на сите мечеви има постигнато над 30 гола, но сега следи вистинскиот испит. Од таборот на унгарскиот клуб предупредуваат дека против „црвено-црните“ победничката серија ништо не значи, затоа што Вардар е еден од најдобрите клубови во Европа.

„Утре на гости ни доаѓа еден од најдобрите клубови во Европа. Сакаме да продолжиме со победите во СЕХА-лигата, но нема да биде воопшто лесно. Ќе мора да дадеме сѐ од себе на паркетот, а зад нас да стојат фановите, кои покажале дека се едни од најдобрите во светот“, вели Петер Гулјаш, капитенот на Веспрем.

Слично размислува и стратегот на унгарскиот колектив, Хавиер Сабате Кавиедес, кој вели дека македонскиот клуб е многу подобар во однос на ланската сезона.

„Не одигравме многу мечеви во СЕХА оваа година, но на сите средби на кои учествувавме - покажавме добра игра. Вардар е многу подобар тим во однос на ланската сезона. Ќе биде тешко затоа што немавме соодветни подготовки поради репрезенативните настапи на нашите играчи, а против нас имаме незгоден противник. Се надевам дека фановите ќе ни ја дадат поддршката и ќе бидат нашиот осми играч“, вели тренерот Хавиер Сабате Кавиедес.

Унгарскиот шампион на оваа средба ќе може да смета на Лазло Наѓ и Мирко Алиловиќ, додека под знак прашалник е ставен настапот на Андреас Нилсон. Досега, Вардар и Веспрем имаат одиграно четири меѓусебни средби (по две во ЛШ и СЕХА), а меѓусебниот скор е 3-1 за Вепсрем. Последниот дуел одигран во март го доби Вардар, кој во рамки на СЕХА-лигата во Скопје славеше со 28-21.

Коментари

Популарно