Металург се засили со нов голман во првиот тим

Кадетскиот репрезентативец Мартин Томовски (18 години, 191 см, 86 кг), и официјално е новото име во тимот на Лино Червар, каде е приклучен по барање на тренерот.

novgolmanmetalurgg

-Пресреќен сум што станав дел од првиот тим на Металург и исполнет сум со остварувањето на мојот детски сон, кој почнав да го сонувам на 13-годишна возраст во една од школите на Металург, изјави Томовски по потпишувањето на договорот.

Само со една година тренирање Томовски влезе во селекцијата на Металург (генерација 1996-1997), па продолжи во младата екипа на Пролет, чиј член беше до пред две години, а потоа се врати во своето старо гнездо.

-Му благодарам на мојот тренер Червар и на раководството на клубот што по една и пол година пауза од официјални настапи, но со неуморно и посветено тренирање ме вратија таму каде што припаѓам. Ќе направам сѐ што е во моја моќ да ја оправдам нивната доверба, бидејќи Металург беше и ќе остане една од водечките ракометни екипи и за мене огромен е предизвикот што сум дел од тимот од кој излегоа врвни ракометни имиња. Мене ми останува да продолжам со посветената работа и неуморен тренинг да напредувам и да собирам искуство што ќе ми ги отвори вратите за уште поголеми професионални ангажмани. Соништата стануваат реалност, само ако веруваме во нив, рече Томовски.

Со приклучувањето на Томовски во првиот тим, Металург уште еднаш ја демонстрира својата клупска политика, во која акцентот е ставен на домашните млади квалитетни играчи. Во првиот тим сега има четири голмани, и тоа Даниел Дупјачанец (32), Антонио Пешевски (24) и Милош Вуковиќ (24).

Коментари

Популарно