Падна „Пржино“ – Македонија го допре дното!

Пред седум месеци лидерите на политичките партии во Македонија, во друштво на амбасдорите на САД, моќните европски држави и ЕУ, потпишаа противуставен политички договор со неколку точки. Популраниот „договор од Пржино“беше прогласен за спасоносен, победнички, проевропски, демократски, лист хартија што кога ќе се исполни ќе ни донесе мир и политичко продуховување. Го славеа и власта и опозицијата. Се „степаа“ да ни покажат кој е посреќен од противуставниот договор. Се фалеа со постигнатото....

han222-650x420-640x413

Денеска, по нешто повеќе од 200 дена, ситуацијата е дијаметрално различна, а сепак толку слична. Падна договорот пржино! Пред половина час пред владата на Република Македонија се појави амбасадорот на САД да ни каже дека истите оние кои се сликаа по договорот во Јули, не го испочитувале и дека нема услови за избори!!! Не знам што е пострашно. Тоа што странски амбасадор ни кажува дека нема избори или тоа што на нашиве им се малку седум месеци да средат неколку точки за кои се договориле! Речиси 25 години имаме самостојна држава и сеуште ни требаат странци да ни кажат дали сме спремни да излеземе во белиот свет! Сакаме НАТО и ЕУ, ама ни треба тапшање по рамо?! 6 точки имаше догооворот потпишан во Јули! 6! По еден месец за секоја точка... ама, не многу е тоа за нашата елита. Истите оние кои бараат подршка и сакаат да ни ја водат државата, не можат да средат 6 точки за 7 месеци.

Сепак, ова нема да ги спречи лидерите на партиите и денеска да слават победа. СДСМ веќе се радува што нема да има избори на 24ти Април, затоа што „докажале“ дека овој пат не излажале. Додека ВМРО ќе ја слави маргинализацијата на Ван Хојте. Типчето кое љуби Твитер и мачиња денеска беше пратено во ќош. Иако потегот ми се допадна, тоа не ја намалува вината на владејачката партија за потпишување, а потоа не спроведување на договорот што требаше да ни донесе избори и крај на НЕНОРМАЛНАВА состојба во која се наоѓа државава и сите во неа. И додека и двете политички опции слават, нас не чека пеколна пролет. Лудилото место да заврши допрва ќе доживее кулуминација. Место стабилна држава со легитимна Влада избрана на демократски избори, ние „мигрантската пролет“ ќе ја чекаме со техничка Влада и затворена граница кон Србија. И замислете кога Грција ќе ни донесе илјадници и илјадници бегалци на граница, ние ќе очекуваме истиве потпишувачи на договорот од Пржино да се договорат како да реагираат! Кога тоа нема да успее, ќе чекаме некој амбасадор да ни каже дека не им успеало и дека имаат уште некој месец да се договорат? Тешко и на мигрантиве со нас. Со право луѓето мислат дека Европа почнува со Германија.

Освен бран на мигранти, пролета ќе ја разгори војната во Сирија. Турција, подржана од САД, веќе се спрема за воена акција, што нема да и се допадне на Русија. Светот живее во исчекување на новиот светски поредок и очекува да види кој ќе седне на тронот. Дали САД ќе опстане или конечно Русија ќе успее тектонски да ја размрда планетава. Многу е веројатно и жариштето во Украина повторно да се активира. Светот го живее 21 век на промени, а ние повторно доцниме. До пред 100 години ни беа криви Турците и 500 те години ропство. Потоа вината падна на Грција, Бугарија и Србија. Па за виновник го најдовме Тито и режимот во СФРЈ. Сега кој ни е крив? Бејли? Орав? Хан? Ван Хојте?

Сум читал историја, но не знам каков бил животот под труско ропство. Не знам ни како било кога Србите не доминирале на наша територија. Малку се сеќавам на СФРЈ и лично мене ми беше добро. Но, едно со сигурност знам. Ова што го живееме во последнава година е апсолутното дно во и онака патетичните 25 години самостојна Република Македонија. Нека ви е на чест!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно