Повратник од Сирија: Во војна нема спасение

id-1

Стотици борци од балканските земји во моментов се активни во Сирија. Линдита Арапи, од Дојче Веле зборуваше со еден албански повратник од Исламска Држава кој без разубавување говори за бруталната реалност на џихадот.

Во Германија повратниците од Исламска држава мораат да одговараат пред суд, во Албанија исто така. За разлика од Германија, во оваа балканска земја досега немаше започнато ниту една постапка против џихадистите кои се вратија од Сирија- иако за учеството во вооружени конфликти во странство, според албанските закони е предвидена казна од неколку години затвор.

Сандер Леши, советник за безбедност на албанскиот премиер Еди Рама, изјави оти „повратниците се плашат од кривично гонење“ и затоа заминуваат во илегала.

Ебу Заид (вистинското име ѝ е познато на редакцијата) е 28-годишен Албанец кој е еден од нив, својата приказна ни ја раскажа во муслимански ресторан во Тирана. Тој вели дека бил „распуштено“ дете. Оружјето и тепачките не му биле непознати пред исламот да започне да го одредува неговиот живот, а има неколку години оттогаш: „Тоа беше мојот спас“.

Како и во многу муслимански семејства во Албанија, ниту во неговото семејство религијата не играла голема улога. Меѓутоа, тој го истражувал салафизмот, учел арапски, рано се оженил- „како што му доликува на муслиман“. На интернет ја следел војната во Сирија.

-Сѐ што видов, страдање… тоа многу ме погоди како верник. Сакав да им помогнам на муслиманските браќа. Решив да одам во Сирија. Не чувствував никаков страв, туку имав херојско чувство дека правам нешто добро: јас помагам да се собори Башар ал-Асад“, вели во својата изјава.

ЗА 80 ЕВРА ДО СИРИЈА

Ебу Заид во 2014. година заминал во Сирија, со уште двајца Албанци. На родителите им рекол дека оди во Саудиска Арабија да студира религија.

-Патот беше едноставен: од Тирана до Истанбул со автобус за 40 евра и уште 40 евра до сириската граница. Немаше контроли, вели Заид.

Млади Албанци го пречекале од другата страна на границата и го одвеле до Алеп, каде што прво се борел на страна на Ал Нусра Фронтот.

-Сѐ беше прецизно организирано, оружје, униформа, храна. Јас таму запознав многу млади луѓе од Франција, Данска и Германија. Со оглед на тоа дека добро зборувам арапски, имав со сите многу добри контакти. Бев најдобар пријател со еден постар господин од Босна. Со него зборував постојано.“

Ебу Заид вели претходното искуство со оружје важело за „корисно“. По еден месец, младите доброволци учествувале во борбите околу Алеп. Дали убил некого? Заид не сака да одговори директно.

“Ние немавме никаков сомнеж: се боревме против непријателот, војниците на Башар ал-Асад и немаше милост.“

ИД Е ПОДОБРО ОРГАНИЗИРАНА

Набрзо ја забележел и борбата за власт меѓу бригадите Ал-Нусра Фронтот и „Исламска држава“. Бил импресиониран од пропагандата на ИД, па и се придружил во последните месеци од својот престој во Сирија:

“ИД беше подобро организирана. Имаа повеќе оружје и беа подобро финансирани- не знам од каде.“

Но, реалноста помеѓу младите борци на ИД, кои ги сметал за посилни, била поинаква. Искуството му ги отворило очите:

-„По повеќе часовна борба во Алеп конечно излеговме да ги закопаме своите мртви војници. Но, имаше мртви и од трупите на Асад. Еден од нас, Египќанец, отиде и на мртвиот војник му ги исече ушите. Осакатување на лешеви е голем грев во исламот.“

Тој е разочаран од џихадистите на ИД.

-„Тие немаа верска настава, не го познаваат коранот, поради тоа има таков екстремизам. Ако те фатат со цигара, ќе те опоменат, ако слушаш музика, ќе ти го уништат компјутерот. Многу слепо следат команди.“

Во Сирија Ебу Заид видел многу Европејци кои сакале да се вратат. Минатата година кога загинале двајца негови пријатели Албанци, посакал да се врати дома.

-„Тоа не беше само разочарување од она што го видов. Посебно трогнат бев од лицата на моите деца и солзите на мајка ми додека разговаравме на Скајп.“

Своето враќање го образложува вака:

-„Денес себеси се сметам за измамен верник. Војната е војна- никогаш не е убава. Таму нема спасение“ .

На командантот од ИД му рекол дека оди во Турција за да ги земе жаната и децата.

По враќањето во Албанија, Ебу Заид се држи понастрана од властите. Живее повлечено во Тирана како работник. Неговите блиски пријатели му честитале за враќањето а тој вели: “Денес имам поголемо сочувство за луѓето“.

Коментари

Популарно