Неверојатната моќ на спермата

Истражувачите од Универзитетот во Аделаида во Австралија преку истражувањата што првенствено ги направиле врз глувци дошле до неверојатни откритија за луѓето што можат да им помогнат на паровите кои имаат проблеми со добивањето деца.

Кај глувците, а и кај луѓето секој процес на парење кај женката предизвикува ослободување на имунолошки клетки, познати како регулаторни Т-клетки, за кои се знае дека ги потиснуваат воспалителните процеси во телото.

Овој процес може да има важна улога за ембрионот успешно да се имплантира во матката, наместо да биде исфрлен како туѓо тело. Кај луѓето, докажано е преку неколку студии дека намаленото количество на регулаторните Т-клетки се поврзува со неколку репродуктивни проблеми, меѓу кои необјаснивата неплодност, спонтаните абортуси, прееклампсијата и предвременото породување.

Преку испитување на грлото на матката кај жените, истражувачките откриле дека спермата поттикнува имунолошки промени и кај луѓето. Тие детектирале дека кратко време после сексуален однос, грлото на матката почнува да ослободува имунолошки сигнални молекули, што може да биде знак за зголемено ниво на регулаторните Т-клетки.

Покрај тоа што овозможуваат ембрионот успешно да се имплантира во матката, можно е овие ефекти исто така да ги минимизираат шансите жената да го отфрли ембрионот подоцна во текот на бременоста. Жените кои забременуваат после кратка сексуална активност, поверојатно е да развијат нарушувања во текот на бременоста, велат истражувачите.

Овие наоди се поклопуваат со опсервациите дека спермата содржи неколку значителни молекули, меѓу кои цитокини, простагландини и хормони, кои можат да влијаат врз женското ткиво.

Ова откритие има импликации при вештачкото оплодување. Откако јајце ллетките ќе се оплодат во лабораториски услови, избраните ембриони хируршки се внесуваат во матката. Ова е една од точките каде вештачкото оплодување може да не успее, доколку ембрионот не може да се имплантира во матката.

Многу клиники за фертилитет ги советуваат паровите да се воздржуваат од секс,додека трае третманот за вештачко оплодување, со цел да се минимизира ризикот од инфекции преку семената течност. Ова е многу мал ризик, во споредба со корисните ефекти што спермата ги има врз женскиот имунолошки систем, велат истражувачите.

Во прилог на ова се и заклучоците од неодамнешниот преглед на студии дека сексот за време на вештачкото оплодување ја зголемува стапката на имплантација на ембрионот за 23 проценти.

Ефектите што спермата ги има врз имунолошкиот систем на жената, исто така можат да помогнат во објаснувањето зошто некои парови не успеваат да зачнат веднаш. „Се чини дека на луѓето им се потербани три месеци сексуален соживот за да бидат спремни за зачнување“, вели Сара Робертсон, водач на истражувањето.“Нашето истражување укажува дека првичниот пристап во лекувањето на неплодноста е на луѓето да им се каже да продолжат да се обидуваат. Но, ако не успеат, следењето на регулаторните Т-лимфоцити би можело да биде следниот чекор“– вели таа.

Доколку ниското ниво на регулаторните –Т клетки е причина за неплодност, третманите со кои ќе се зголеми нивниот број можат да помогнат на жените кои неуспешно се обидувале да забременат подолго време.

Коментари

Популарно