Д-Р ФИЛИП ДУМА: Кај децата што починаа, грипот предизвика воспаление на мозокот

Двете деца, на возраст од три и четири години, по потекло од Кичево и од Гостивар, биле донесени на детска клиника во многу лоша состојба.

Кај двете деца од три и четири години, кои починаа на Клиниката за детски болести, грипот предизвикал енцефалитис, односно воспаление на мозокот. Едното починало во рок од 24 часа откако било примено на Клиниката, а за животот на другото лекарите се бореле пет дена. Двете имале претходна историја на болести.

- Познато е дека иако грипот најчесто е бенигна болест, може да остави последици. Зафаќање на централниот нервен систем често оди како енцефалитис (воспаление на мозокот). Оваа година имавме повеќе деца со енцефалитис, од кои за жал две починаа. Беше голема борба, децата беа ставени на респираторна поддршка - изјави проф. Филип Дума од Клиниката за детски болести.

Децата се примени на Клиниката во тешка општа состојба и се лекувани на Одделението за интензивна нега. Едното е испратено од болницата „Свети Еразмо“ во Охрид, а другото со кола на Брза помош е донесено во Скопје од болницата во Гостивар. Едното починало пред Нова година, а другото на 4 овој месец. Податоците ги објави Институтот за јавно здравје откако се добило лабораториска потврда дека станува збор за инфекција со грип.

- Системот постапил како што треба, но болеста е подла и има неочекувани пресврти. Кај нас секогаш има енцефалитис, но во моментот причината за него е грипот - рече д-р Дума.

На детска клиника од грип се лекуваат и други деца, но тие се во фаза на заздравување.

Откако почнаа минусните температури, кои се непријатели на грипот, на оваа Клиника се намалил бројот на прегледи на деца болни од грип. Други потешки случаи во моментот нема.

Коментари

Популарно