Червар го има рецептот: Вака до победа против Словенија

Иако на хартија Словенците се фаворит, нашиот селектор и македонките репрезентативци имаат рецепт за успех во денешниот дуел на светското ракометно првенство во Франција.

Шефот на стручниот штаб на македонската ракометна репрезентација, Лино Червар, порача дека Словенија е фаворит во претстојниот дуел на Светското првенство кое се игра во Франција, но дека националниот тим на Македонија нема да излезе со бело знаме.

Откако ја декласираа Ангола со 42:25, Словенците во второто коло имаа тежок меч со Исланд кој го добија со 26:25. Говорејќи општо за системот на игра, Червар упати на тоа дека оној тим што ќе ја наметне својата игра ќе биде поблиску до победата.

– Постојат две легитимни нешта, два система, едната е „контрола на топката“ (ball control), а втората е „трчај и шутни“ (run and gun). Легитимни се и двата, прашање е кој тим каков систем сака да наметне. Ако сакаме да парираме, мора да играме мошне дисциплинирано, а истовремено да бидеме исклучително борбени, одбраната мора да ни биде заштитен знак. Ако ја наметнеме нашата игра, тогаш можеме да бидеме конкурентни, во спротивно лесно ќе ни забиваат голови, а тоа не е добро. Они се фаворити, а ние мора да покажеме борбеност и тактичка дисциплина,- рече хрватскиот стручњак, отворајќи ја листата на барања до своите ракометари за мечот со Словенија.

Тој упати комплименти до ривалите дека се издигнале со Вујовиќ како тренер, па ги лоцираше и нивните добри и лоши страни.

– Лично, би бил смешен да не го почитувам Вујовиќ. Тој го одбележа ракометот како играч, а сега и како тренер. Словенија се подигна како репрезентација, беа четврти на Олимписките игри, а многумина би сакале да бидат на нивно место, но не се. Тие ја немаат онаа врвна физичка компонента, но затоа имаат врвна техничко-тактичко подготвеност која доаѓа до израз во транзиција. Тие се моќни, според мене едни од најсилни во Европа, па во динамика можат да најдат многу различни и атрактивни решенија. Ние мора да покажеме срце, но и памет, бидејќи ако тргнеме да се наттрчуваме со нив, однапред би потпишале пораз,- предупреди Червар, додавајќи уште два елемента на листата.

Хрватскиот стручњак од светски маштап беше концизен дека подобриот ќе победи и не остави многу простор за сеир на кибицерите кои ги следат неговите дуели со Веселин Вујовиќ.

– Знам дека моите дуели со Вујовиќ се атрактивни, ние го одбележавме и македонскиот ракомет. Во одреден момент и тој ќе мора да внимава на позициската игра, за да не ги губат топките. Јас би бил среќен да победи подобриот. Ако заслужиме да направиме нешто, тогаш ќе добиеме, ако не заслужиме, тие ќе победат. Они се фаворити, но ние нема да одиме со бело знаме. Кој ќе ја наметне играта, тој ќе биде поблиску до победата. На хартија, тие се фаворити!

Коментари

Популарно