(ФОТО) Првата вертикална шума во Азија ќе создава околу 60 килограми кислород на ден

Во Нанџинг, Кина, ќе се градат вертикални шуми, кои ќе содржат повеќе од 3000 растенија, а јаглеродниот диоксид ќе го претвораат во околу 60 килограми кислород секој ден.

Градбите се именувани Кулите Нанџинг, а треба да бидат изградени до 2018 година. Ќе бидат први шуми од ваков вид во азискиот континент. Дизајнирани се од италијанскиот архитект Стефано Боери. Поголемата кула ќе биде висока 200, а помалата 108 метри. Заедно, ќе бидат дом на повеќе од 1000 дрва и околу 2500 грмушки, од 23 различни локални видови.

Во повисоката кула ќе има канцеларии, музеј, факултет за еколошка архитектура и клуб на покривот, додека помалата кула ќе сместува базен на покривот и Хајат хотел со 247 соби.

Освен да го прочистуваат воздухот, кулите ќе имаат за цел и да го регенерираат локалниот биодиверзитет, на кого му се закануваат загадувањето и урбанизацијата.

Ова не се првите вертикални шуми дизајнирани од Стефано. Две негови дела се веќе изградени во Милано, а слични градби се испланирани и во Лозана, Швајцарија.

Коментари

Популарно