ВИДЕО: Пензионерите се степаа за бесплатен воз и јадење

Малку требаше за да настане вистинска масовна тепачка денеска на Железничката станица во Скопје кога огромен број луѓе, од кои најмногу пензионери, се обидуваа да се качат во бесплатниот воз за Демир Капија. Во расчистување на турканиците и расправиите не само што мораше да интервенира полицијата, туку на помош мораше да дојдат и специјалците од Единицата за брзи интервенции, што дополнително ги разгоре зовриените страсти.

Возот требаше бесплатно да ги однесе заинтересираните граѓани на традиционалната манифестација „Недела на традицијата Св. Трифун“ што вчера, по повод празникот на лозарите се одржуваше во Демир Капија, каде што покрај закројувањето на лозјата, на централниот плоштад имаше бесплатно јадење, вино и ракија, а гостите ги забавуваа Блага Петреска, Евто Пупиновски, Јордан Митев, Виолета Томовска, Адријана Алачки и оркестарот на „Зајди, зајди“.

Кога на станицата во Скопје стана јасно дека бројот на заинтересирани е далеку поголем отколку што може да собере возот, луѓето почнаа да се туркаат меѓу себе и да се влечат за побрзо да се качат. Откако им беше речено дека во возот ќе може да влезе само оној кој има обезбедено бесплатен билет, нервозата се зголеми уште повеќе, бидејќи поголемиот дел од пензионерите не знаеја за тоа. Но, кога на крајот се појавија и специјалците, трпението го снема, па некои се откажаа од патувањето исвиркувајќи и негодувајќи. Сепак, иако со задоцнување, возот тргна. А, внатре беше навистина преполно и беше очигледно дека нема место за седење за сите, па дел од патниците буквално стоеја. Но, беа упорни да стигнат на народната веселба во Демир Капија.

Коментари

Популарно