ДПМНЕ дозволи двојазичност, а СДСМ ќе ве казни со 5.000 евра ако не знаете Албански?!

Една недела по мојот последен текст. За 7 дена во малава ни државичка се случија статусот на Владо Јовановски, Фашистот Чом, сведочењото на вооружените команданти на ОНА од Дива Населба кои дошле мирно да протестираат со оружје колку што поседува Лихтенштајн, договорот меѓу ДУИ и СДСМ за употребата на Албанскиот јазик во Македонија.... ах, да и Златна Бубамара која во моментиве додека пишувам ми оди во позадина на Тв. За Бубамара не се пишува, туку се ужива во неа. Јовановски и Чом нека си прават дуеал, а теорирстите наоружани ко Рамбо, дојдени во мир од Косово им ги оставам на судот. И онака најжешка тема денеска е договорот меѓу СДСМ и ДУИ.

Цел Фејбук гори со статуси на темата. Повеќето се секако апсолутно смешни и небулозни. Испровоцирани од политичка или етничка припадност и желба за терање „своја“ вистина, која нема никаква врска со реалност. Се изначитав денеска за тоа дека секој Македонец кој нема да знае Албански ќе плаќа казна од 5000 евра! Ма везе нема. 3.000 до 5.000 е предвидена казна во законот договорен меѓу СДСМ и ДУИ за државни институции во кои и Албанскиот јазик ќе е службен, а не го сиполнуваат задложението, односно не можат да услужат граѓанин на Албански. Не велам дека го подржувам овој договор меѓу социјал демократите и интегративците, но не се секирајте, никој нема да ве сопре на улица да проверува дали знаете Албански и да ве казни 5.000 евра, ако тоа не е случај. Преполн е Фејсбук со статуси од типот дека и досега сме имале двојазичност и дека истата е дозволена од ДПМНЕ. Глупости! Двојазичноста во Македонија е воведена со Рамковниот договор во 2001 година, на кој се потишани лидерите на сите големи партии во Македонија (во тоа време). Значи НЕ, ДМПНЕ не дозволиле двојазичност, ниту излегле од рамките на Рамковниот договор. Нешто што Заев вети дека ќе го направи пред изборите, а како што гледаме и почна да го исполнува. Знам дека последната реченица нема да им се допадне на симпатизерите на СДСМ, но вистината е таа. За неговото ветување има видео од Швајцарија во предизборната кампања (видео тука), а дека СДСМ излегува од Рамковниот договор со договорот со ДУИ доказот ќе стои на Денарите и тоа на Албански. Не велам дека сите кои гласале за СДСМ на овие избори, се предавници и убијци на Македонија и македонскиот идентитет. Секој има свој став и гледање на работите. Знам Македонци на кои не им пречи воведување на задолжителен Албански јазик во сите основни училишта и воопшто не им пречи ако нивното дете биде обврзано да го знае јазикот на најголемото етничко малцинство во Македонија. Тие луѓе не се помалку Македонци од мене, се додека тоа искрено го мислат. Се додека тоа го прават од лично убедување, а не од сопствен интерес.

Проценките велат дека 350.000 Македонци гласале за СДСМ на изборите на 11ти декември 2016 година. 350.000 Македонци не може да имаат личен интерес од двојазичноста. Не може сите да се предавници. Значи или свесно гласале за двојазичност, сметајќи дека истата е добра за Македонија или му верувале на Заев дека „двојазичноста е само во главата на Груевски“. Ако сте од овие вториве, не се секирајте, сите грешиме. И јас еднаш, оддамна гласав за Демократска Алтернатива и миљардата на Циле. ЈБГ дете бев. Ќе има нови избори, ќе си ја поправите грешката. Но, без разлика колкав дел од 350.000 македонски гласови за СДСМ биле дадени од сопствено убедување, дали гласачите биле прелажани или гласале од сопствен интерес, себично и предавнички, 350.000 гласови не му даваат легитимитет на договорт меѓу ДУИ и СДСМ!

Никогаш не сум ги делел луѓето по ниту една основа, па ниту по национална. Ниту ми било, ниту ми е важно дали некој е Шпанец, Американец, Кениец, Кинез.... Албанец, но плаформата на албанските партии во Македонија го направи токму тоа. Не подели на Македонци и Албанци во Македонија. Ултиматумот на албанскиот политички блок во државава, ги застапува само интересите на едните, а со тоа другите ги остава незаштитени. Платформата е апсолутно националистичка, па од таму другите националности мора да си најдат свој ентитет кој ќе ги застапува во преговорите. СДСМ тоа не е! Не затоа што јас така сакам или не, туку заради бројките од последните избори. Кога албанските политичари изградија заедничка платформа за својот етникум, за истиот мораа да преговараат со преставниците на Македонците во Македонија. Бројките велат дека тоа е ВМРО ДПМНЕ со убедливо најмногу гласови од етнички Македонци. Сакеле или не, вистината е таа, а со тоа и секој договор со СДСМ не е договор меѓу Албанците и Македонците во Македонија, туку политички договор за освојување на власт. Ништо друго! Без разлика дали ДПМНЕ ќе излезе од собранието на улица (како СДСМ во последниве години), дали ќе има „револуција“ дали евентуалната влада на СДСМ со две или повеќе албански партии ќе издржи повеќе од 6 месеци, овој политички договор ќе падне, затоа што не е потпишан од Македонците преку ВМРО. Заев и СДСМ немаат легитимитет за овој договор, без разлика дали подразбира уставни промени. ДУИ го знае ова, па затоа денеска за прв пат Ахмети зборуваше Македонски, со намера да ги омекне незадоволните сограѓани од македонска националност. Но, тоа нема да помине. Нема да помине ниту играта на ДУИ да даде потписи без да влезе во Влада со СДСМ. Со или без министерски места во владата, со самите потписи, а тоа и гаранција за мандат на СДСМ, ДУИ ја прекрши праксата на коалицирање на победник со победник. Таа грешка ќе ја плаќаат многу политички победници на парламентарни избори во Македонија од албанскиот блок во иднина, а со тоа и самите Албанци во државава. Сето ова ќе резултира со уште понапнати меѓуетнички односи, што е спротивно од она што треба да го постигне овој договор. Барем така велат оние кои го потшишуваат.

Кога на сето ова ќе се додаде отсуството на „Граѓанското општество“ при овие преговори на СДСМ со ДУИ, за кое толку многу слуашавме две години. И денеска не знаеме што точно е договорено меѓу двете партии, а се што дознавме, дознавме од ДУИ. СДСМ и Заев заборавија на сите ветувања и на сите оние кои од различни причини беа на улица 2 години. Сега никој нив не ги праша за двојазичност и за другите точки од албанската платформа. Оние кои зборуваа за демократија и се бореа против „режимот“, сега зад затворени врати преговараат за национални интереси, типично автократски.

И само за крај. Национализмот и радикализмот во било која форма, па дури и како платформа, секогаш раѓа национализам и радикализам како одговор од другата страна. СЕКОГАШ!!! Ова е далеку од моја желба, всушност јас не решив да склопам платформа во друга држава и да ја преставам како ултиматум. Ниту решив да прифатам нешто во име на Македонците, иако знам дека не сум нивни легитимен преставник. Ова чисто за во блиска иднина, кога ќе ги барате виновниците.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно