ВИДЕО: 10.000 потписи за канабисот да се користи и за рекреативни цели

Новоформираното здружение за декриминализација на канабис БИЛКА Скопје ќе собира 10.000 потписи со кои ќе предложи законски измени во Собранието со цел канабисот да се користи освен за медицински и за рекреативни цели, рече за А1он адвокатот Јанаки Митровски, еден од основачите на здружението.

Митровски вели дека ќе спроведат кампања со цел да се подигне свеста кај јавноста, а во неа ќе се презентираат сите позитивни дејствија од употребата на канабис. Сегашните закони предвидуваат прекршочна одговорност за лице кое рекреативно користи марихуана, а доколку во себе има поголема количина, следува и кривична пријава.

Според него, првичниот закон кој го донесе владата во заминување е лошо решение и „мирисало“ на наместен тендер.

– Изгледаше дека ќе можат една-две фармацевтски гиганти да произведуваат и толку, а нивото на ТХЦ беше занемарливо. Подоцна коригираа дел од недостатоците, но крајното решение за кое се залагаме ќе биде да секој еден може сам да си произведува за себе канабис, со тоа што не би ја исклучиле државата од некој вид на контрола, рече Митровски.

Здружението наскоро ќе почне со организирање на научни конференции и работилници за позитивните импликации и придобивките од канабисот, а веднаш по кампањата ќе започнат со собирањето на потписи.

Коментари

Популарно