Зошто „гаранцијата“ на Заев не е никаква гаранција?

Кога последната колумна ќе ви биде прочитана повеќе од 40.000 пати, а коментарите на оние кои ја прочитале ќе бидат позитивни, изборот за следниот текст доаѓа сам по себе. Кoлку и да е темата (за мене) разочарувачка, и колку и да повторно не ми се пишува за тоа (без воопшто да се занесам дека мојот став е многу важен) во следниве 50 - 100 реда ќе го изложам.

Ете бидна. Мандатот конечно е кај Зоран Заев. Честитки до сите вас кои тоа го чувствувате како победа. Сочувство до оние кои до вчера бевте на лидерски позиции. И честитката и сочувството се искрени колку ... ќе сфатите сами.

Значи, поразениот на последните парламентарни избори, Заев конечно го убеди Претседателот Иванов да престане да го крши Уставот и да му го врачи мандатот. Мандатот  овој пат не го побара претседателот на СДСМ, туку нелигитмно избраниот претседателна собранието, Телат Џафери. Значи со самиот одговор на ова барање, Иванов од својата позиција претседател на Р. Македонија, му даде легитимитет на Џафери. Ќе повторам, Иванов мораше да му го даде мандатот на Заев уште кога лидерот на СДСМ обезбеди 61+ потписи во собранието. Така немаше да имаме упад во собрание, повредени пратеници и уапсени тепачи. Македонија немаше да биде негативна ѕвезда на сите светски медиуми, а Села немаше да стане маченик, жртва, херој... Или можеби и во тој случај истото ќе се случеше? Кој може да претпостави кај нас што би се случило ако...?

Уставот и законите се јасни, но... На пример, претседателот е должен на лидерот/лидерите на партијата/партиите кој/и принеле доказ за мнозинство во собранието да му додели мандат, но... Претседателот нема право да бара гаранција за зачувување на унитарсноста на Македонија од мандаторот, бидејќи тој нема начин да му ги достави, ниту пак претседателот било каков начин да го казни, ако новата влада скршне од нив! Толку е просто! Изјавата дадена на писемно до Иванов од страна на Заев е цртан филм! ЛУДИЛО!!! Приказна за мали деца! Во изјавата лидерот на СДСМ ветува дека „тие“ ќе го заштитат суверенитетот и ќе работат по Уставот. НО, ПО УСТАВОТ, СУВЕРЕНИТЕТОТ ГО ДАВА И НАРОДОТ, А ГО ШТИТИ УСТАВОТ! Значи самата изјава е кршење на Уставот! Се друго што пишува во изјавата го пишува и во уставот, освен делот кој не е под точка, туку како додатен пасус, во кој Заев изјавува дека ниту една платформа, документ или декларација, спротивни на горните точки нема да бидат услов или основа за формирање влада. На крајот од текстот е потпишан лидерот на СДСМ, но има и печат на партијата. Веројатно тоа значи дека сите 49 пратеници стојат зад изјавата на лидерот. Тоа е во ред, но како тоа 49 пратеници можат да гарантираат такво нешто?  Што приложиле како доказ? Која процедура? Кој процес, решение? Било што? Или на жими мајка? Истиот човек кој во еден ден на Бугарите и Србите им порача дека сме ист народ, сега се потпиша на изјава која е противуставна, повикувајќи се на уставот и сите ние треба мирно да спиеме?

А  што ако Заев се шалел? Што ако уште првиот ден по формирањето на Влада на било кој начин реши да ја руши унитарноста на државата? Што ќе превземе Иванов? Силно ќе се расплаче? Ќе свика прес и ќе мафта со листот со печат од СДСМ? И? Која е санкцијата за прекршување на оваа изјава на Заев во законот во Македонија? Колку што јас сум упатен, за секое прекршување на било кој закон, следува санкција предвидена од истиот закон што е прекршен. Која е санкцијата, казната предвидена за Заев или СДСМ во случај на кршење на изјавата? Каде е запишана? Во кој закон? НЕМА ТАКОВ ЗАКОН, затоа и нема кој тоа да го утврди, ниту кој да го санкционира! Токму отсуството на таков закон, оневозможува и реална гаранција дека истото нема да се случи! Ниту пак кој да утврди или да го санкционира. Приказна за мали деца! Уште една сцена од трагедијата која трае 26 години, наречена независна Македонија.

Потписникот на изјавава, Заев,  завчера во интервју за српска телевизија, јавно си изјави дека Албанските знамиња кои во кабинетот на претседателот на собранието ги истакна нелегитимниот Телат Џафери, се косат со Уставот. И толку! Никој ништо не превзема! Нема санкција! Уставот уште еднаш е скршен, па шо? Во овој случај, закон постои, а кршењето на истиот предвидува и санкција, но никако да се најде институција што ќе реагира. Ако, во случај кога постои закон и јасно утвредни правила, никој не реагира, како листот хартија потпишан од Заев, за кој никој и не може да реагира се нарекува ГАРАНЦИЈА?

Во меѓувреме, од другата страна на политичкиот караван, албанските пратеници и функционери во партиите кои со СДСМ ќе ја составуваат следната влада, јавно на телевизија изјавуваат дека „Албанската платформа“ е жива и дека ќе биде дел од новата владина програма! Ок, тие не ја потпишаа изјавата на Заев и СДСМ за унитарност и бла бла бла, ама некој лаже! Кој и да е тој некој, за 10-20 дена ќе стане министер или премиер. Ама, добро е барем имаме гаранција потпишана од Заев и заведена со печатот на СДСМ.

Вчера читам дека ВМРО ДПМНЕ будно ќе го следи Заев и во случај да застрани од ветеното ќе реагира жестоко во склад на демократските можности и ќе се спротивстави. (Ух ми олесна!) Што значи, ќе свика прес и ќе мавта со листот. Групно патриотски ќе се расплачат! Ќе викаат Заев е лош, ви рековме да ни дадете 63 пратеника!

„За заедничка Македонија“ од улица се преселија во судови. Таму ќе ја бараат правдата. Оние кои себе се нарекуваа НАРОДОТ, сега станаа правници?! Јас не знам за НАРОД(от) кој си ја брани унитарноста на државата тоа да го прави на суд. Барем „шарените“, кои ете и они беа НАРОД, не бараа правда на суд. Ок, нивната игра беше сосема поинаква. Тие не признаваа никакви институции, а бараа истите да гонат други. Ама (морам да повторам) и тие беа НАРОДОТ.

Јас што не бев ни со едните, ни со другите, што сум јас? Што сме сите ние кои не фарбавме згради и не пеевме патриотски песни пред собрание? Вие кои не го рушевте уставниот поредок барајќи власт на улица и не го штитевте не уставниот потег на Иванов да не го даде мандатот, вие не сте НАРОДОТ? Вие кои не сакате ниту криминал, ниту кршење устав и уставен поредок, ниту нелегитимен претседател на собрание, ни тепани пратеници.... вие не сте НАРОДОТ? Вие кои сега ниту славите, ниту сте исплашени за своите кариери, вие .... Ако не сте на ничива страна, туку на денот на избори доколку воопшто сте решиле да гласате, се мислите кое е помалото зло и едвај со пенкалот заокружувате некоја од опциите, вас ИСКРЕНО ве жалам! Само заради вас и го пишувам текстов, но простете ми, немам ништо позитивно да ви кажам. Освен сочувство, немам ништо друго да ви понудам.  Можам да ве лажам, но ќе се налутат ако им ја одземам омилената, единствената работа.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно