Владата го усвои предлог-законот за амнестија: Кој нема да биде помилуван?

Владата го разгледа и го усвои предлог-законот за амнестија и им препорача на Министерството за правда и на службите во Владата да ги обезбедат условите за увид во предлог-текстот на законот до засегнатите министерства, како и до пошироката јавност.

Текстот на предлог-законот ќе биде поставен на увид на јавноста во Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР) www.ener.gov.mk и на тој начин до него ќе имаат пристап експертите од стручната јавност, од граѓанскиот сектор, како и сите други засегнати страни.

На вчерашната седница министерот за правда, Билен Саљији, напомена дека предлогот за донесување нов закон за амнестија е израз на добра волја на државата кон одредена група правосилно осудени лица со цел за нивна ресоцијализација и за растоварување на затворите од прекумерниот број лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна, воедно како и условите во казнено-поправните установи во државата.

Министерот Саљији објасни дека со предложениот текст на закон не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство, на сторители на кривични дела против избори и гласање, за кривични дела против половата слобода и половиот морал, кривични дела против државата, кривични дела злосторничко здружување, како и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право.

Коментари

Популарно