Апелација ги уважи „бомбите“ за случајот „Триста“

Апелацискиот суд соопшти дека прислушуваните разговори за случајот „Триста“ може да бидат докази во судница. Одлуката е објавена денеска, а случајот е набавката за триста нови возила за полицијата. Обвинет е помошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски, кој се сомничи дека со јавната набавка го оштетил буџетот за 28 милиони денари.

Апелација ја одбила жалбата на Поповски бомбите да не бидат докази, но и ја преиначи одлуката на Кривичен, кој ги издвои прислушуваните разговори од доказниот материјал.

„Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје, по одржана седница на 18.09.2017 година, а во врска со предметот познат во јавноста како ‘Триста’, оформен по поднесен обвинителен акт против обвинетиот Ѓ.П. од С, донесе одлука со која ја уважи жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите Скопје и го преиначи обжаленото решение на Основниот суд Скопје 1 Скопје. Апелациониот суд Скопје со својата одлука мериторно одлучи и го одби предлогот на обвинетиот Ѓ.П. од С. содржан во неговиот приговор поднесен против обвинителниот акт, од списите на предметот да се издвои аудиозапис од телефонски контакт, како доказ прибавен на незаконит начин, со образложение дека наведениот доказ – аудиозапис од телефонски контакт претставува доказ прибавен на законит начин и како таков може да се користи како доказ во предметната кривична постапка, со што е преиначена одлуката на Основниот суд Скопје 1 Скопје со која истиот доказ е издвоен од списите на предметот како доказ прибавен на незаконит начин“, стои во соопштението од Скопска Апелација.

Ова е втора одлука на Апелацискиот суд со која одлучува јавно објавените бомби да бидат дел од доказите. Претходно апелациските судии одлучија прислушуваните разговори за „Нарачаните шлаканици во Центар“ да бидат докази.

Коментари

Популарно