Во која општина ќе бидат градоначалници Заев и Груевски?

На само неколку дена пред локалните избори во Македонија, некако се натерав да седнам и да пишам нешто на темава. Не дека ми се пишува или дека има нешто посебно да се каже, ама ред е.

Се погоди текстов да го пишувам на 11ти Октомври, Денот на востанието во Македонија, иако сме многу далеку од тие наши предци кои денеска ги славиме. Сироти, да знаеле какви генерации доаѓаат ќе спакувале куферите и бродот за Австралија. 76 години откако тие се бореле и гинеле за Македонија, вчера во Прилеп младината на СДСМ, партијата на власт, ја утна годината! Ај што девојчево не знае кога почнало востанието (иако е од Прилеп). Ајде и што во целиот говор зборуваше како 11ти Октомври е дел од нашиот идентитет и е голем исто колку Илинден и денот на прогласување независност, а промаши 3 години. Туку е и многу мрзливо. Ако не знаеш, ако ете сакаш да фарбаш народ колку си патриот и бла бла бла, па земи прочитај. Гугл, нешо википедија. Но, што да очекуваше од младинка на лидер и премиер кој пред цел Велес рече дека Прличев е од тој град!

Посиромашна кампања од оваа во Македонија не помнам. Не дека не се трошат грдни пари, тоа секако се случува, туку сиромашна во идеи, проекти, кадар... Едниве ниу слоган смислија. Го продолжија оној од парламентарните избори лани (на кои изгубија). „Живот за сите“! Абе ок, ама на клиника на дневна база умираат новороденчиња. Или они пошо немаат право на глас не се во сите?!!! Другиве, имаат слоган, ама подобро да го немаа. „Нова ера“?!!! Во моментов „новоерашиве“ се на власт во 80-90% од општините во Македонија. Како ако сега пак победат ќе се случи „Нова ера“? За да биде нешто ново, па ете и ера (иако градоначалнички мандат трае 4 години, што не е ера), теба ваљда и нови лица? Ваљда?! Откако видоа дека не помина, се свртеа кон „Секогаш работа, секогаш Македонија“. Во ред. Дека оваа гарнитура на ВМРО ДПМНЕ има  сработено многу повеќе од сите други влади наеднаш е неспорно, но тоа не е  проблемот заради кој на последните парламентарни избори СДСМ им дојде само на два пратеника. Провизиите дечки! Матните зделки! Шерифскиот однос! Тоа ве бутна од власт. Народот сака проекти, сака улици, автопати, школи, боници... затоа и ве гласаше толку пати, ама се паѓа во вода кога ќе се дознае колку од цехот завршил на приватни сметки. Макар биле монтирани, сечени, лепени.

И ете сме, на 3-4 дена пред локални избори, кои и едните и другите ги најавуваат како ферка пред нови парламентарни, народот (оној политички неопределениот) се чуди за кого да гласа. На секој митинг и преставување на кандидатот во неговата општина, повеќе зборува лидерот на неговата партија. Медиумите секој ден пренесуваат што рекле Заев и Груевски, како тие да се кандидираат за градоначалници. СДСМ направи митинг во Скопје, пред Влада?!!!! ЛОКАЛНИ избори!!! Скопје дента блокирано со автобуси од цела Македонија! Истата слика и во Струмица! Се носи народ од други општини да посети политичко преставување на кандидат за градоначалник на Струмица/Скопје! Логика? Слабо! Сендвичи? МНОГУ!

Жалосна е сликава, а уште пожалосно што има народ што на 15ти Октомври гордо ќе го даде својот глас за едната од опциите. Народ што сеуште верува дека ова се наследниците на хероите од 11ти Октомври 1941 година! Аххх сироти Лазо Колевски, Боро Петрушевски, Благоја Деспотовски, Трајко Бошкоски... Од нивната жртва и нивниот сон, остана само мало парче земја и кошмар. Да ни е честит 11ти Октомври.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно