Заев добро избра и победи - ВМРО ДПМНЕ се предаде!

Антологиското „15 Септември“ повторно се случи. Му се случи на ВМРО ДПМНЕ на 15ти Октомври. Иако, ова не е најтешкиот пораз на ДПМНЕ на едни избори, а имал и СДСМ многу потешки, сепак јавноста изненадена од резултатите. Не дека не се очекуваше пораз на партијата на Груевски, но ваков дебакал никој не очекуваше, а требаше.

Најпрво, да расчистиме една работа. Изборите се чисти како и секои други во минативе 10тина години. Народот го кажа своето и му додели речиси апсолутна власт на СДСМ (им недостига само претседател на државата). 80.000 разлика пред ВМРО според гласовите за советничките листи, со ист број на гласови од парламентарнит избори во Декември, но со помала излезност. Ова значи дека СДСМ процентуално добил повеќе гласови, додека ДПМНЕ изгубиле гласачко тело.

СДСМ и приврзаниците слават голема победа, но како и на сите избори во Македонија досега, така и на овие, победникот не е оној кој е заслужен за резултатите, туку поразениот. Неколку години наназад пишував дека за владеењето на ВМРО ДПМНЕ се виновни СДСМ. За секоја победа на било кои избори во Македонија во последниве 11 години, на ДПМНЕ виновни беа токму СДСМ и нивната партија во колапс. Без програма, став, понуда... Истото сега важи за ВМРО. На овие избори не победи СДСМ. ДПМНЕ изгуби!

Социјал демократите повторно настапија без програма, со празни ветувања, а успеаа да го прагазат конкурентот. За 120тина дена на власт на централно ниво, нелегитимно избраа претседател на собрание, потпишаа екстремно штетен договор со Бугарија, ветувија промена на учебници и со Грција, прифатија Албанска платформа, во собрание со евроспко знаменце внесоа против уставен закон за јазици ... и место да загубат гласови, добија на доверба кај народот! Зошто? Затоа што никој друг не ја сакаше победата. Немаа ривал. ВМРО ДПМНЕ на чело со Никола Груевски им ја поклони локалната власт. Зошто? Тоа си знае само тесното раководство на ВРМО. Како? Тоа е лесно видливо.

СДСМ со години се промовира во партија на која не и „лежи патриотизмот“. Партија на која не е и проблем „да ја свитка кичмата“ и со цел за „подобра иднина“ да се прости со минатото, па дури и по цена на идентитетот. Оваа нивна стратегија наиде на подршка кај дел од народот во Македонија. Дали мене ми се допаѓа или не, не е важно. Мојот глас вреди колку гласот на секој од вас. Од друга страна ја имаме ВМРО ДПМНЕ, кој со години од позиција на власт го убедуваше гласачкото тело дека тие се они кои „стојат на браникот на државата“ и ја штитат Македонија од СДСМ сценарио. Го бранат името, идентитетот, јазикот... Во таква позиција, повеќето гласачи им ја даваа довербата на „патриотите“, се додека не дојде денот да ја покажат својата лојалност пред државата и да ги исполнат ветувањата.

Најпрво, додека на власт (т.е. на браникот) во Македонија беше ВМРО, се случи најголемото јавно познато прислушкување. Иако, до ден денеска не знаеме кој прислушкувал, јасно е дека „браникот“ потфрли. Ако власта прислушкувала, не заслужува да биде власт. Ако ја прислушкувале, не си ја сработеле работата како што треба. Но, ајде им се случувало и на посилни држави. Следеше „шарена револуција“ и фарбање на згради, а „браникот“ се повелкуваше. Пржино 1 и 2! Против уставно СЈО и противуставна проширена влада пред избори! Народот полека почна да сфаќа дека „патриотиве“ и не се баш наследници на Делчев и војводите, сепак на изборите во Декември им даде какват таква предност. Следеше говорот на Груевски пред ДИК и повикувањето на Ќосето и.... и толку. Неколку месеци по ова во собранието на Р. Македонија пред очите на пратениците на ВМРО беше испеана Албанската химна. Истиот ден незаконски и против деловнички избран нелегитимен претседател на Собранието, а „патриотите“ ништо не превземаа. Се случи упад на толпа во Собранието и напад на „бескичмењаците“, додека во другата сала наследниците на Ќосето си пееја песни! (исклучок Влатко Ѓорчев и Никола Тодоров). Овие од браникот го осудија нападот, па му се поклонија на нелегитимниот претседател на собранието. Никогаш не му се обратија со тој збор, но учествуваа на секоја седница која тој ја закажа. Договор со Бугарија, Закон за Јазици... на се учесвуваа. Негодуваа, но од „браникот“ никој не виде ни Б.

Кога во една држава пред очи ви се менува идентитет, историја, се крши устав ко од шала, никој не гласа за „лажни патриоти“. Никој не гласа за „патриоти“ кои ништо не превземаат на темата, туку држат пресови секој ден во стил на своите опоненти. Ова сигурно го знаеше и Никола Груевски. Мораше да знае дека непревземањето на ниту еден одлучен чекор, непревземањето на одговорност ќе му донесе тежок пораз. Заев свесно избра да оди по својот пат и да ја жртвува историјата и идентитетот за да дојде на власт. Тактика која ветува успех само кога никој од другата страна нема да се обиде да ја брани државата. Ама вистински да ја брани! Како Ќосето, не со „Нова ера“! НЕ!

Заев избра точно и победи! ВМРО ДПМНЕ не избра, туку се повлече. СЕ ПРЕДАДЕ! 

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно