Не се СДСМ, туку ВМРО ДПМНЕ се виновни за двојазичноста и договорот со Бугарија

Бура од реакции по медиумите и социјалните мрежи по вчерашното гласање за законот за јазици во Собранието на Република Македонија. На улица никој, но на Фејсбук и Твитер лом. „Ишкртани“ ѕидовите на пратениците од СДСМ кои пред парламентарните избори ветуваа дека двојазичноста е само во главата на Груевски, а вчера како по наредба си гласаа. А тие тивки, без одговор, без коментар. Си го одработеа договореното и си ќутат. Не се веќе револуционери, не се „со народот“, не се борат против режим. Докачија фотељи и сега плаќаат долг кон оној што им помогна да дојдат на власт преку улица.

Искрено, не знам зошто толку бурна реакција баш вчера. Не дека ми пречи, но зарем очекувавте некој од СДСМ да гласа против двојазичноста? Демек им верувавте кога велеа дека е измислена? Кога збореше Павле Богоевски дека нема двојазични банкноти и униформи, вие помисливте дека е сериозен? Си лапна човекот пратеничко место, сега не ве знае. Ма не го занимате. Па зарем ќе се влечка законов по комисии и сибрание, по медиуми и каде не, за на крај некој од СДСМ да гласа против? Ајде, барем задоговорот со Бугарија, „добрососедскиот“, знаете што не очекува.

Но, доволно за „изненадените“ и СДСМ марионети во собранието. Не е ова нивна вина. Реално, од пред парламентарните избори, до сега, Заев и другарчињата јасно кажаа што следи. Кој сакал да слуша – слушал. Кој се правел на глув, се уште си се прави на глув. Зошто и како освоија 400.000 гласа на ваква програма, тоа си знае народот. Како и да е, Албанската платформа се остварува со сериозно брзо темпо и нема кој да ја спречи. Отсуството на отпор кон истата, не е вина на СДСМ, ниту на оние кои гласаа за таа политичка опција, туку на ВМРО ДПМНЕ и се што створи како државен апарат. Токму кај нив е целата вина за се ова.

Јасно, дека ВМРО сеуште ќе се преставуваат како патриоти и со прстот ќе посочуваат кон  „предавници“ од СДСМ и ќе се обидат да глумат жртва, но не е така. Најпрво, сето ова започна кога ВМРО ДПМНЕ имаше апсолутна власт во Македонија. Мнозинство во Собранието, Претседател на државата и доминираше на локално ниво. ВМРО ја водеше државата и дозволи да дојдеме до тука. Кој и да прислушкувал, ВМРО се виновни што успеал. Се појави лик (сега ни е премиер) со прислушкувани разговори и почна да ги објавува. Кривично дело, но ДПМНЕ немаше храброст да го апси. И не само ДПМНЕ туку и институциите задолжени за тоа. Потоа следеше Пржино, каде оние на власт потпишаа, без легитимитет од народот, не уставен договор и неуставно СЈО. Ајде што партијата реши така, но проблемот е што во нивното 11 годишно владеење, на ниту една носечка функција во било која институција не поставиле професионалец. Па затоа, обвинителство не го уапси Заев, затоа Уставен  до ден денес молчи за СЈО, затоа полицијата само ги гледаше оние кои фарба згради, министерства, плоштади, палеа канцеларии... итн итн. Со апсолутна власт не успеаа да спречат окупирање на држава на улица! Затоа изгубија многу гласови на парламентарните избори, но некако победија. Откако ја изгубија централната власт, требаше само да го следат примерот на ДУИ од 2006 година и да го бојкотираат собранието. Принцип: победник со победник. Место тоа, влегоа и гледаа додека во парламентот се пее албанска химна и се нелегитимно се избира претседател на собрание. Со нивното учество во собраниските седници подоцна му дадоа легитимитет на Џафери, без разлика како тоа тие го ословуваат. Можат да го викаат и граѓанин, но се додека се појавуваат на седниците закажани од него, кои токму тој ги заседава, тие го легитимираат! Сега кукаат и анализираат. Локалните избори биле криминални и фалсификат и затоа им е потребна длабинска анализа! Во меѓувреме СДСМ потпишува капитулирачки договор со Бугарија, но ВМРО не бара референдум. Се носи не уставен закон за јазици, но ВМРО не бара референдум! Заев отворено зборува за „ново име“ на државата, но ВМРО анализира локални! Ниту еден, апсолутно ниеден чекор за зачувување на она за што велат дека се залагаат од ВМРО ДПМНЕ. НУЛА! Чекаат сето ова да помине, Македонија да продаде или подари се што има, за да го окриват СДСМ и да дојдат на власт! Тоа е планот!

Ако ова не ви е доволно да сфатите дека ВМРО ДПМНЕ нема да стори ништо и СДСМ тоа го знае, потсетете се на 2004 година и референдумот за територијална поделба. Тогаш, исто како и сега СДСМ си тераше слична агенда. И тогаш слично како и сега ВМРО ДПМНЕ беше внатрешно разградено. Но, има една огромна разлика од тој момент и денешниот. Тогаш ВМРО ДПМНЕ побара референдум, сега НЕ! Тогаш за референдумот да падне, САД ја призна Македонија под уставно име, а сега СДСМ место да повлекува позитивни чекори на било кој друг план си прави што сака. Најголем буџет, намалени субвенции, поскапен дизел и ценовен шок од истото, влошување на односите со Русија, намалени плати и пензии во Октомври... и ич не се потресуваат. Овој пат, за разлика од 2004 година, никој не се плаши од ВМРО! Има две опции зошто.

1. Договорени се

2. Лидерот и раководството на ВМРО ДПМНЕ се уценети

Одберете која сакате од овие две опции. Мене искрено и не ми е гајле која е. Во двата случаја е јасно кое е решението за партијата и членството. Промена на врвот! Груевски имаше доволно шанси да превземе нешто, но освен празни говори не направи ништо. Неколку пати го слушав као им порачува на СДСМ да го гонат него, да го стават во затвор ако треба, само да ја остават Македонија, но сега кога ги губиме столбовите на идентитетот како народ тој бара да му го вратат пасошот да тркне до кај Орбан во Унгарија?! Као таму е решението? Никола, јас не барам да лежиш заради мене или државата. Не барам ниту да „застанеш на браникот“. Не очекувам од утре да станеш Питу Гули, Сандански, Даме Груев, Гоце Делчев.... Но доста се криеше, тоа е работа на Иванов. Собери храброст и напушти (макар тоа значело дека одма ќе те стават во затвор) или повикај пратеници и народ на улица. Викни референдум. НАПРАВИ НЕШТО!!!!

П.С. Цреќа што Преседателот побара гаранција од Заев пред да му додели мандат, па сега може кога сака да.... да, си ја урами!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно